Македонија

Мицкоски: Во моментов не ни се приоритет изборите туку здравјето на граѓаните

Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска истакна дека во овој момент на партијата не и се приоритет изборите и оти има законски обврски кога треба да се одржат тие.

За ВМРО-ДПМНЕ приоритет е здравјето на граѓаните, потоа справувањето со економската криза поради пандемијата и на крајот се изборите, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кој термин е прифатлив за него и партијата за одржување на изборите откако вчера лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека најоптимистичко сценарио би било јули, а краен термин е 11 декември.

-Целосно сме фокусирани за тоа што е прв приоритет на граѓаните, а тоа е здравјето, обезбедување политики и мерки за намалување на ширењето на пандемијата. Потоа справување со економската криза. Но не само санирање на последиците од неа туку, како во услови на криза да се обидеме да го задвижиме стопанството, затоа што луѓето денес се надвор од работните места, не се создава производ не се создава додадена вредност. Тоа се нашите приоритети, истакна Мицкоски.

Тој рече дека има законски обврски кога треба да се одржат тие избори.

-Дај Боже се да биде како што треба. Тука сме, ќе поразговараме за кој било датум. Ќе си дојде редот да се одржат и тие избори. Јас кога би бил СДСМ, би бил сериозно загрижен од исходот на овие избори, но денес тоа на нас не ни е ниту прв ниту секундарен приоритет. Ќе повторам примарен приоритет ни е здравјето на граѓаните , секундарен приоритет ни е справување со економската криза и последиците од пандемијата и да се обезбеди начин како во време на криза да го задвижиме стопанството, рече Мицкоски.

Related posts

Leave a Comment