Македонија

Тодор Петров : СМК очекува јавниот обвинител да ја третира заканата на Бујар Османи, независно од неговата позиција во власта со цел дестабилизација на државата!

СВЕТСКИ МАКЕДОНСКИ КОНГРЕС

ЗАКАНАТА СО ВОЈНА НА БУЈАР ОСМАНИ ОПОМЕНА ЗА СИСТЕМСКА ДЕФОРМАЦИЈА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ!

9 декември 2019 година, Скопје, Македонија – Светскиот Македонски Конгрес (СМК) најостро ја осудува заканата со војна на вицепремиерот Бујар Османи после извештајот на Венецијанската комисија, дека поништувањето на Законот за употреба на јазиците од Уставниот суд или негова ревизија во Собранието ја враќа Македонија пред 2001 година.

Заканите од Бујар Османи претставуваат обид за мајоризација на едно малцинство врз мнозинството, и тоа е сериозна опомена до политичките партии за реформирање на институциите на власта поради системски деформации на политичкиот систем!

СМК очекува јавниот обвинител да ја третира заканата на Бујар Османи, независно од неговата позиција во власта со цел дестабилизација на државата!

Македонскиот јазик не е службен јазик на целата територија на државата Македонија и во нејзините меѓународни односи заради мајоризација врз националните малцинства, туку заради функционална демократија во интерес на сите! Јазиците на националните малцинства може да бидат во службена употреба во општините во кои како мнозинство живеат припадниците на едно национално малцинство, во согласност со Европската рамковна конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици!

СМК потсетува дека Македонија е унитарна а не бинационална држава, чиј носител на државноста е Македонскиот народ, иако суверенитетот произлегува од сите и им припаѓа на сите, независно од етничкото потекло и верското уверување.

СМК потсетува дека основи на Охридскиот рамковен договор од 13 август 2001 година, кој целосно е имплементиран во Уставот и законите, се унитарноста и почитувањето на етничката и верската карта на државата Македонија!

СМК од Уставниот суд на Македонија бара да ја процесуира иницијативата на СМК од 16 јануари 2019 година и веднаш и безусловно да изрече времена мерка до одлучување и да ги поништи: (1) Законот за употреба на јазиците усвоен на 11 јануари 2018 година и повторно изгласан на 14 март 2018 година, поради одлуката на претседателот на Републиката од 17 јануари 2018 година да не го потпише Указот за негово прогласување, бидејќи е во спротивност со Уставот на Република Македонија, и (2) Указот за прогласување на Законот за употреба на јазиците објавен во “Службен весник на Република Македонија“ дури на 14 јануари 2019 година без потпис на претседателот на Републиката!

Иако јазичните права се дел од внатрешниот правен поредок на државата Македонија, СМК смета дека и извештајот на Венецијанската комисија од 6 декември 2019 година ги потврдува иницијативите до Уставниот суд и на експертската јавност во Македонија, дека Законот за употреба на јазиците е: неуставен, нејасен, непрецизен, конфузен, неприменлив, внесува правна несигурност, го суспендира владеењето на правото, и е неконзистентен во однос на европската Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства и европската Повелба за регионални и малцински јазици, бидејќи ги надминува стандардите на меѓународното и европското право!

СМК смета дека и Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа, донесен од Собранието на седницата одржана на 4 август 2008 година, ги надминуваше јазичните права утврдени со членот 7 од Уставот на Република Македонија.

СМК смета дека е потребна ревизија на амандманот V од 16 ноември 2001 глодина во согласност со членот 7 на Уставот од 17 ноември 1991 година!

СМК смета дека е потребен нов закон за јазичните права на националните малцинства, изработен од експерти, а не од партиски неписмени приправници, во редовна собраниска постапка, со сите заинтересирани субјекти и валоризација на стручната јавност и експерти, по претходна анализа за примената на Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа од 2008 година!

СМК бара Владата и Министерството за правда да останат конзистентни на своите досегашни изјави дека извештајот на Венецијанската комисија и препораките на Европската Комисија ќе ги инкорпорира во Законот за употреба на јазиците.

СМК повторно бара Собранието под итно да ја ратификува Европската повелба за регионални или малцински јазици, прифатена од Парламентарното собрание на Советот на Европа на 5 ноември 1992, која не ги суспендира јазичните права во Македонија, туку обезбедува еднакви јазични права за сите национални малцинства во Република Македонија! СМК изразува разочарување, бидејќи Македонија е една од ретките држави во Европа која се’ уште не ја ратификувала оваа Повелба во законодавниот дом на државата!

 

Related posts

Leave a Comment