Свет

Јапонија тесно соработува со САД во истражувањето на нападите врз танкери во Оманскиот Залив

Јапонскиот главен секретар на кабинетот, Јошихиде Суга, рече дека во овој момент сака “да се воздржи  од какви било изјави за последиците и одговорните за нападите”

 

 

Јапонските власти тесно соработуваат со САД во истражувањето на нападите во четвртокот на двата танкера во Оманскиот Залив, рече на денешната прес-конференција шефот на јапонскиот главен кабинет, Јошихиде Суга.

“Ние разменуваме информации во тесна соработка со САД”, рече Суга. “Владата е во процес на собирање информации за инцидентот. Во овој момент сакам да се воздржам од какви било изјави за последиците и одговорните за нападите”, додаде тој.

Според новинската агенција Кјодо, јапонскиот министер за одбрана, Такеши Ивеја, во петокот на прес-конференција изјави дека Токио сé уште не планира да користи воена сила за заштита на нафтените танкери.

Претходно во петокот, јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија, Хирошиге Секо, одби да ги коментира изјавите на САД дека Иран е вклучен во нападите врз танкерите. Секо само рече дека Јапонија го испитува инцидентот.

Двата танкера беа запалени во Оманскиот залив во четвртокот по нападот со торпеда. Американскиот државен секретар, Мајкл Помпео, рече дека Иран е одговорен за нападите. Техеран негираше каква било вмешаност во инцидентот.


Танкерот Kokuka Courageous, регистриран во Панама и во сопственост на јапонската транспортна компанија, носел метанол од Саудиска Арабија во Сингапур. Бродот “Front Altair” со знаме на Маршалските Острови, во сопственост на Норвешката Frontline, пловел од Обединетите Арапски Емирати до Тајван со петрохемиски суровини.

 

Related posts