Пожарите, потпомогнати од високите температури и силниот ветер, постојано се присутни на источниот брег на Австралија. Пожарникарите се борат да спасат животи и домови, а властите велат дека најлошите услови за ширење пожари допрва се очекуваат.
Шеснаесет пожари во австралиската држава Викторија се обележани со највисоко ниво на опасност а луѓето се евакуирани од областа, додека во Нов Јужен Велс 12 пожари се на највисоко ниво а пожарот гори на повеќе од 100 локации во двете држави, пренесува Ројтерс .
Нови пожари избувнаа, а некои од постојните им избегаа од контрола на пожарникарите.
Министерот за транспорт на Нов Јужен Велс, Ендрју Констанс ги спореди пожарите со атомска бомба.
„Морам да бидам искрен, ова не се шумски пожари, ова е атомска бомба“, рече Констанс.
Премиерката на Нов Јужен Велс, Гладис Берџиклиан рече дека ситуацијата со пожарите е „многу варијабилна“.
„Пред нас е долга ноќ а допрва не очекува најлошото“, рече Гладис Берџиклиан.
Премиерот на Викторија, Даниел Ендрјус, рече дека и покрај тешките услови,на пожарникарите им помогна тоа што десетици илјади луѓе го послушале советот за евакуација.
Австралискиот премиер Скот Морисон истакна дека 23 лица се загинати од кои дванаесет оваа недела,од почетокот на сезоната на шумските пожари во септември.