Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, се појави денес на суд во Лондон и побара тримесечно одложување за да се подготви за борбата против барањето да биде екстрадиран во САД.
Асанж и неговите адвокати не успеаја да ја убедат судиката Ванеса Барајцер дека има причина за одложување.
За екстрадицијата треба да се расправа во февруари, со кратки појавувања пред судот во ноември и декември.
Асанж рече дека случајот не е рамноправен затоа што американската влада има „неограничени ресурси“, додека тој нема лесен пристап до адвокатите и документите потребни за да се подготви за борба против екстрадицијата, бидејќи тој е во затвор во Лондон.
„Тие ги имаат сите предности“, рече четириесет и осумгодишниот Асанж, пренесува АП.
Американските власти го обвинуваат Асанж дека со поранешниот разузнавачки аналитичар на американската армија, Челси Менинг, планирал да провали во владин компјутер со доверливи информации.