Ниту еден политичар, дипломат, бирократ или новинар на кои сум им го поставил ова прашање не ми го одговорил. Но, секогаш беа подготвени да ми кажат дека треба да се откажам од мојот етнички идентитет. Се обидуваа да ме убедат дека принудното преименување на Македонија, редефинирањето на се што значи да се биде Македонец и буквалното препишување на македонската историја е „добро бидејќи со тоа се разрешува дипломатски спор“.
Вештачкиот „спор за името“ – кој Грција призна дека го измислила за да ги избрише Македонците како етничка група – значеше дека Грција (а повремено и Бугарија) ќе го блокираат приемот на Македонија во ЕУ и НАТО доколку Македонија не се согласи да го смени своето име, идентитет и историја и да се прогласиме за „Северномакедонци“ од „Северна Македонија“, додека името Македонија им се поклонува на Грција и на Бугарија, зависно од контекстот во кој се употребува. Дополнително, македонската историја се препишува од страна на грчки и бугарски „историчари“ со цел во иднина да ги претставува грчките и бугарските анти-македонски гледишта. Во случајот на Бугарија, дури се врши ревизија и на еврејската историја (сериозно) и се брише нивното анти-семитско минато.
Но зошто ЕУ и НАТО, предводени од САД, им дозволија и им помогнаа на Грција и на Бугарија да појдат на поход за бришење на македонскиот етнички идентитет? Причината е нивниот империјализам. Ништо не смеее да го попречи ширењето на овие организации, особено не почитта за човековите парва, демократијата и меѓународното право. Правото една држава членка на ЕУ и НАТО да стави вето значи дека во овие организации на сила е расизмот на државите членки.
Тука на сцената стапи иронично наречениот „Преспански договор“ (договор со кој ниту еден Македонец не се согласува). Со овој документ на 19 страници се менува името на Македонија (во „Северна Македонија“), македонскиот идентитет се менува во „Северномакедонски“, и се фалсификува македонската историја (со членот 8-5), а на Македонците кои живеат во Егејска Македонија (дел од Македонија кој Грција го анектираше во 1913 година) се прогласуваат за непостоечки (повторно, да, ова сериозно се прави – видете го членот 7-2) и се редефинира секој аспект на македонскиот идентитет. Па затоа дозволете ми тука повторно да ви го поставам прашањето од насловот на овој текст…
Да не остане покусо, и Бугарија се окуражи во своите барања да се спроведат сите анти-македонски одредби од повторно иронично именуваниот „Договор за пријателство“ со Македонија, како и да се оди подалеку од потпишаното. Со овој договор Македонците од Пиринска Македонија (која Бугарија ја анектираше во 1913 година) се прогласуваат за непосточеки, а македонските херои се прогласуваат за „бугарски“. Бугарија исто така тврди дека Македонците во Албанија (Албанија доби дел од македонската територија во 1919 година) се „Бугари“ и води меѓународна кампања за да ги „убеди“ сите дека Македонците одеднаш исчезнаа.
Како што гледате. ова не е спор само меѓу Република Македонија и Грција/Бугарија. Територијата на Македонија беше поделена во 1913 година меѓу Србија (овој дел е сега независната Република Македонија), Грција, Бугарија, и во 1919, Албанија. Редефинирањето на Македонија се одразува на сите Македонци, насекаде низ светот. Како да не е доволно што мојата етничка група е лишена од правото на самоопределување во својата (наводно) независна држава и во земјите каде што традиционално живееме, се најдовме на лизгав терен на кој и меѓународно не ни е дозволено да се идентификуваме како Македонци, на пример од страна на функционери на Владата на Канада.
Оваа лавина (ако ми дозволите да употребам студена канадска споредба) на анти-македонизам ги охрабри грчките и бугарските политичари гордо и јавно да ги слават овие „договори“ со кои се брише македонскиот етнички идентитет. И што имаат да кажат другите членките на НАТО и ЕУ за сето ова? Ништо? Би рекол дека молчењето е одобрување на злосторството, но тоа не е доволно силен израз. НАТО и ЕУ се буквално соучесници поради тоа што и тие бараат од Македонија да се откаже од своето име.
Бруталната иронија е во тоа што, откако цели генерации Грци го бришеа „зборот на М“ и се обидуваа да ги отстранат сите траги од присуството на Македонија и Македонците, Грците одеднаш, во 1988 година, почнаа да тврдат дека името „Македонија“ им припаѓа на нив. Неверојатно. Поранешниот грчки премиер Константин Мицотакис во 1995 година дури призна дека „спорот за името“ нема никаква врска со македонсктоо име, туку со прикривањето на вистинската грчка политика – да се негира постоењето – и извршениот културолошки геноцид – врз големото македонско малцинство во Грција.
А ако веќе зборуваме за бруталност, од независноста на Македонија американската интервенционистичка машина поттикнуваше граѓанска војна, им даде амнестија на терористи, ја урна Владата која веќе ја контролираа за да инсталира марионетски режим врз кој ќе имаат уште поголема контрола, апсеа и им се закануваа на жени пратенички и на нивните семејства, ги апсеа сите што ќе се осмелат да проговорат против американскиот интервенционизам, го прекршија меѓународното и македонското право, Уставот, волјата на народот и сите демократски принципи кои толку гордо велат дека ги застапуваат – се со цел да на сила да ни го сменат името, идентитетот и историјата.
Секако овие постапки, или било која од нив, требаше во целост да го запрат „спорот“. НАТО и ЕУ требаше да ги прекорат (или уште подобро, да ги исфрлат) Грција и Бугарија поради ова отворено кршење на правата кои овие организации тврдат дека ги почитуваат, но наместо тоа, НАТО и ЕУ решија да им помогнат на своите членки, со цел да го зголемат своето членство. Меѓународната заедница требаше да ги осуди сите страни вклучени во културолошкиот геноцид врз Македонците. Гореспомнатата група политичари, новинари и други – кои се претставуваат како заштитници на човековите права, демократијата и владеењето на правото – треба да се изјаснат со осуда на оваа дволичност, а не да ја слават.
Ако веќе не можат да го сторат тоа, се што е потребно е да се стават на нешто место. Дали би го славеле бришењето на својата сопствена етничка група? Секако дека не. И така, доаѓаме до заклучок дека ги сметаат Македонците за нелегитимни и пониски од нив. Дали некој од нив конечно ќе ми одговори на прашањето и јавно ќе ми каже, зошто?
Објавено во Emerging Europe
Бил Николов, Претседател
Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права