Колумни

БИЛ НИКОЛОВ : НАПАДОТ Е НАЈДОБРА ОДБРАНА – ШТЕТА ШТО МАКЕДОНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ НЕ ЗНААТ ЗА ОВА

НАПАДОТ Е НАЈДОБРА ОДБРАНА – ШТЕТА ШТО МАКЕДОНСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ НЕ ЗНААТ ЗА ОВА

Објавено во Eurasia Review, од Бил Николов, Претседател, ММДЧП

Претставете си: Македонија. 1991 година до денес. Македонски политичари играат фудбал против некоја земја (не е важно која) и притоа – несакајќи да го навредат противникот – целото време играат само одбрана. Кога ќе одбранат напад, слават како да се најдобриот фудбалски тим што било кога постоел. Кога случајно ќе минат преку средината на теренот, веднаш ја предаваат топката и трчаат назад на своите одбранбени позиции. На терен втрчуваат разни играчи, но нивната главна задача не е да дадат гол. Место да се фокусирани на играта, тие плачат и молат да бидат ставени во првиот тим. Навивачите скандираат: „Напред Македонија! Шутирајте!! Барем ПРОБАЈТЕ ДА ДАДЕТЕ ГОЛ!“ И ете чудо! Еден играч ги послуша навивачите, ја зема топката, го дрибла противничкиот тим, шутира и гол! Го слават како единствениот македонски политичар кој го ставил својот тим и својата земја на прво место, но набргу потоа и тој се повлекува и ги остава Македонија и Македонците на цедило.

Еве како македонските политичари, од двете најголеми партии, владееа со Република Македонија – без „топки“. Јасно е до болка дека воопшто не требаше да бидат пуштени да ја играат играта. Не можете да победите ако постојано играте само одбрана – кога тогаш противничкиот тим ќе даде гол, и потоа ќе ви ја наполни мрежата. Но македонските политичари толку лошо ја играат играта што не само што нивниот тим (Република Македонија) губи туку со себе ги повлекоа и сите други делови од распарчената Македонија – и сите Македонци, од минатото, сегашноста и иднината.

Сум сретнал многу македонски водачи и политичари. Сега го читаат ова и се навредени. Им велам тука отворено, како што сум им кажал и во доверба: погледнете се во огледалото и видете како вашите постапки – и отстапки – се одразија на нашиот народ.

Сум им кажал и дека не е ништо страшно или навредливо ако некогаш тргнат во напад, особено кога вистината е на нашата страна. Македонските политичари треба да се залагаат за нашиот цел народ и да го бранат од постојаните, јавни и бескрупулозни напади од страна на нашите противници – кои бараат да се редефинира и избрише се што значи да се биде Македонец. Ова е вистинската причина, raison d’etre, за постоењето на иронично наречениот „Преспански договор“ кој ни го натурија од Запад – со овој илегален документ се менува македонското име, идентитетот и историјата на СИТЕ Македонци. Патем, македонските политичари би се извиниле и за тоа што употребив француски израз – да не им се налутат нивните американски газди. Истите тие кои ни го подметнаа „Преспанскиот договор“.

Зошто САД ни го прават ова? Империјализам. Тие сакаат Македонија да биде во НАТО, што Грција реши да го блокира (а подоцна и Бугарија се придружи) доколку Македонија не се откаже од своето име, идентитет и историја и доколку не станеме „Северномакедонци“ од „Северна Макеоднија“ со историја која почнува со независноста на Република Македонија од Југославија во 1991 година. Зборовите „Македонија“ и „Македонци“ им се даваат на Грците и на Бугарите, во зависност од нивниот контекст. Сето ова е детално опишано во членовите на овој договор во кој на 19 страници ми се кажува на мене што сум јас и што е мојот народ.

Откако Македонија беше поделена во 1913 година меѓу Србија (Југославија), Бугарија, Грција и подоцна Албанија, овие четири земји почнаа брутално да го потиснуваат името Македонија и вршеа кампањи за етничко чистење на автохтоното македонско население. Со Преспанскиот указ формално се потврдуваат ваквите кампањи на Грција и Бугарија, и директно се негира постоењето на Македонците во овие држави. Западот изработи прирачник за бришење на еден цел народ од лицето на земјата.

Понатаму, иронично, во 1988 година Грција направи ненадеен и драматичен пресврт во својата пропаганда и почна да тврди дека името Македонија им припаѓа на нив, но дека македонскиот народ „не постои“. Ако е така, кој го пишува овој коментар? Грција реши да тргне во офанзива со расистички лаги, додека македонските политичари се скрија во ќошот иако ја имаа вистината на своја страна.

Бидејќи Македонија е како играчка за која се тепаат разни окупатори, да почнеме една игра – што би направиле вие? Првин одберете со кој лик е играте, дали сакате да бидете македонски политичар или нормален човек.

Прашање 1: Кога некој окупатор тврди дека вашата древна историја му припаѓа на него, дали ќе ги разоткриете неговите обиди за да избрише цел еден народ? Ако сте македонски политичар, може да се случи да му ја предадете целата своја историја на окупаторот и да не сторите ништо за да го спречите (во зависност од тоа на која политичка партија и припаѓате)

Прашање 2: Кога друг окупатор ќе прогласи дека вашата современа историја е негова, дали ќе му ја предадете и дали ќе почнете преговори со него за да дојдете до „заеднички терен“?

Нормален човек би тргнал во напад и би посочил дека со ваквото однесување се кршат НАЈОСНОВНИТЕ човекови права. Би укажал на дволичноста на Западот – кој ТВРДИ дека ги брани човековите права, демократијата и владеењето на правото, но всушност им помага на нашите угнетувачи да не избришат со тоа што ни го наметнува Преспанскиот указ (инаку, во оваа игра, зад вратата број 1 се крие Грција, Бугарија е зад вратата број 2 – ова би требало да ни е доволно да одбиеме да играме).

Било кој нормален човек би рекол дека НАШЕТО ИМЕ Е МАКЕДОНИЈА, и работата би завршила на тоа. Многу пати ги советував македонските политичари да постапат вака. Им реков дека не смеат да преговараат за нешто за што не се преговара. Ние веќе имаме име, и тие немаат право да го дадат на друг. Единствената причина зошто Западот се уште не притискаше е што нашите политичари се согласија да преговараат,

Исто така упорно им велев дека принудната промена на името може лесно да се поништи. Едноставно е – илегално наметнат закон не е дел од правото. Преспанскиот указ и беше наметнат на Македонија без согласност на Македонците, и спротивно на македонскиот Устав, собранискиот деловник, со кршење на сите можни конвенции за заштита на човековите права и на загарантираното право на самоопределување. Им реков на македонските политичари дека со своите смешни тврдења дека „враќањето на името ќе биде тешко“ само покажуваат дека се или неспособни или соучесници.

Иронијата е во тоа што Македонија ќе извојуваше ПОБЕДА, да не беа македонските политичари кои решија да играат игри со нашето име, идентитет и историја, и загубија. Огромно мнозинство од светот веќе ја признаваше Република Македонија под нејзиното вистинско име. Обединетите Нации ги осудија Грција и Бугарија за нивниот прогон врз Македонците и бараа од нив итно да го признаат големото македонско малцинство во нивните земји. Европскиот суд за човекови права пресуди во полза на Македонците во безброј спорови против Грција и Бугарија. Но, ова е резултатот кога не покажувате самопочитување, не се борите за своите права и не барате поддршка од други – како што македонските малцинства прават низ Балканот. Што сторија политичарите од Република Македонија кога имаа шанса со само еден гол конечно да стават крај на анти-македонскиот спор за името? Наместо да шутираат (да ги прекинат преговорите за името кои не требаше никогаш ни да почнат) тие се свртеа и си дадоа автогол.

Да се вратиме на аналогиите. Мислам дека беа јасни (освен можеби при почетокот, кога потсетив на серијата Златните Девојки, која можеби е помалку позната во Македонија), но ќе цитирам уште една стара дама и ќе ги појаснам во секој случај (мојата ташта така вели за „за секој случај“). Поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов беше единствениот од играчите кој даде гол – кога на Генералното Собрание на ОН во 2018 година го осуди принудното преименување на Македонија и посочи на расизмот и дволичноста на Западот кои го наметнува тоа. Клучно беше да се почитува самоопределувањето, а Македонците отсекогаш постоеле како Македонци. Но дали Иванов презема нешто по оваа изјава? Ништо. Имаше многу можности да го запре илегалното и наметнато преименување, а можеше и да ги помилува македонските политички затвореници (кои се осмелија да му се спротистават на Западот и се бореа против промената на името), но одбра да не го стори тоа. Одбра да го слуша Западот, и ги остави Македонците кои се бореа за западните вредности (со тоа што ги бранеа своите човекови права) да гнијат во затвор.

Неспортските играчи се македонските политичари од СДС и ДПНЕ („СДСМ“ се најголемите предавници во македонската историја, американски марионети кои го спроведоа Преспанскиот указ, а „ВМРО-ДПМНЕ“ се лажните патриоти кои не сторија ништо да го спречат присилното преименување – ниту една од овие партии не заслужува да ја има буквата М – Македонија – во своето име. Македонски политичари, дали сте навредени од ова? Време е да се РАЗБУДИТЕ и да ја одбраните Македонија). Резервните играчи се партијата која е во опозиција. Златните Девојки се однесува на телевизиската серија со Софија Петрило, која знаеше да раскажува крајно извртени приказни од свото детство (Претставете си: Сицилија, 1922 година…). Но, ако анти-македонските политики на Западот се однесуваа на неа, ако од неа се бараше да ги смени сите свои приказни, својата припадност и своите спомени, таа секако ќе кажеше „Претставете си: Вашингтон 2020, годината кога се што некогаш било беше избришано“. Добредојдовте во нашиот свет.

Бил Николов, Претседател
Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права

Related posts

Leave a Comment