Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател денеска ја одобри екстрадицијата на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж во САД, каде што ќе се соочи со обвинение за шпионажа.
Соединетите Држави го обвинуваат Асанж за 18 точки од обвинението, вклучително и шпионирање и хакирање државни компјутери, како и објавување на стотици илјади доверливи документи, кои, како што тврдат, ги загрозиле човечките животи.
За тие дела тој може да се соочи со казна затвор до 175 години.
„Во овој случај, судовите во Обединетото Кралство не ја оценија екстрадицијата на Асанж за репресивна, неправедна или навредлива, ниту пак утврдија дека екстрадицијата би била некомпатибилна со неговите човекови права, вклучително и неговото право на правично судење и слободата на изразување и веруваат дека ќе биде соодветно третиран во САД, вклучително и медицинска нега“, се вели во соопштението на британското Министерство за внатрешни работи.
Неговите приврзаници тврдат дека тој е херој на борбата против естаблишментот кој бил жртвуван затоа што ги разоткрил неправилностите на САД во конфликтите во Авганистан и Ирак и дека неговото кривично гонење е „аполитички мотивиран напад врз новинарството и слободата на говорот. “, пренесува Ројтерс.
Првично, британски судија пресуди дека Асанж не треба да биде депортиран и изјави дека поради неговите ментални здравствени проблеми ќе биде во опасност да изврши самоубиство доколку биде осуден и држен во затвор со максимална сигурност, но оваа одлука беше поништена врз основа на жалбата на САД кои дадоа гаранции дека ќе ги заштитат правата и здравјето на Асанж, вклучително и ветување дека тој би можел да биде префрлен во Австралија за да отслужи каква било казна, наведува британската агенција.
Одлуката на Пател не значи крај на правната битка на Асанж која трае повеќе од една деценија.
„Ова е црн ден за слободата на печатот и за британската демократија. Денеска не е крајот на борбата. Тоа е само почеток на нова правна битка“, рече сопругата на Асанж, Стела, пренесува Ројтерс.
Асанж најави жалба на одлуката за екстрадиција во САД
Основачот на Викиликс Џулијан Асанж ќе поднесе жалба на одлуката на британската влада да биде екстрадиран во САД, објави денеска Викиликс.
„Денес, борбата не е завршена. Тоа е само почеток на нова правна битка. Ќе се жалиме преку правниот систем“, се вели во соопштението објавено на Твитер профилите на Викиликс.
Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател денеска одобри екстрадиција на Асанж во САД, каде што ќе се соочи со обвинение за шпионажа.
Британското Министерство за внатрешни работи преку соопштение наведува дека Асанж има рок од 14 дена да поднесе жалба на оваа одлука.
Тој може да поднесе жалба до Високиот суд во Лондон, кој мора да одобри продолжување на жалбената постапка. На крајот треба да се жали до Врховниот суд на Велика Британија, но доколку жалбата биде одбиена, тој мора да биде екстрадиран во рок од 28 дена, пренесува Ројтерс.