Поранешниот британски премиер Гордон Браун ги повика светските лидери да формираат привремена глобална влада која ќе се спротивстави на двојната криза – здравствена и економска, предизвикана од пандемијата на новиот корона вирус.
– Тоа не е нешто што може да се реши во една земја. Треба да има координиран глобален одговор – рече Браун, кој беше во центарот на светските настани во 2008 година за време на големата економска криза.
Браун рече дека сега е неопходно да се формира работна група која ќе вклучува светски лидери, здравствени работници и раководители на меѓународни организации со извршни овластувања, објави Гардијан.
Тековната криза, според Браун, е различна од светската економска криза во 2008 година.
– Тоа беше економски проблем што имаше економски причини и економско решение. Сега прв и најзначен е медицинскиот проблем, мора да работиме заедно за да го решиме, но колку повеќе интервенирате во таа област, толку повеќе ја ставате во опасност економијата “, рече Браун.
Предложената работна група ќе се бори против кризата на два фронта, рече Браун, наведувајќи ја потребата од координирани напори за пронаоѓање на вакцина, да се организира производството и да се спречи профитерството.
Браун смета дека Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд треба да имаат поголема финансиска моќ да се справат со ефектите од кризата врз земјите со ниски и средни приходи.