Група од 30 демократски конгресмени во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го повикаа претседателот Бајден целосно да ја промени стратегијата во однос на украинската војна и да продолжи со директните преговори со Русија, пишува „Вашингтон пост“.
Ова е првпат истакнати членови на Демократската партија да побараат од претседателот да го промени пристапот кон кризата во Украина. Писмото, испратено до Белата куќа од група конгресмени во понеделникот и првпат објавено од Вашингтон пост, може да изврши поголем притисок врз Бајден додека се обидува да ја одржи домашната поддршка за воените напори.
Од друга страна, републиканците се закануваат дека ќе ја прекинат помошта за Украина доколку повторно го преземат Конгресот на ноемвриските избори.
Во писмото од демократските конгресмени се повикува Бајден да ја спои невидената економска и воена поддршка што САД и ја даваат на Украина со „проактивен дипломатски притисок, удвојувајќи ги напорите за барање реална рамка за прекин на огнот“.Демократите се особено загрижени што САД не се впуштаат во редовен дијалог со Русија како дел од нивните напори да се стави крај на војната во која загинаа илјадници луѓе и се раселени 13 милиони луѓе.
Администрацијата на Бајден постојано повторува дека зависи од Киев да одлучи дали и кога ќе преговара со Русија, тврдејќи дека Украинците како слободен народ треба сами да одлучуваат за својата судбина, пишува Вашингтон пост.