Брисел – На националните законодавства е да одлучат дали вакцинацијата против ковид 19 ќе биде задолжителна или неопходна во одредени случаи.
Европската комисија нема никаква надлежност врз тоа, изјави денеска портпаролот на ЕК, Стефан Де Керсмакер.
Во однос на различните ставови низ ЕУ за задолжителното вакцинирање против ковид 19, односно неопходноста од доказ за вакцинација со цел да се извршат одредени дејства, како што се патување со авион или влегување во ресторани, ЕК вели дека останува на државите да донесуваат одлуки во рамките на нивните кампањи за вакцинација.
“Во исто време, ние ја нагласуваме важноста за продолжување на вакцинирањето на граѓаните. Тоа е најдобриот начин да се најде начин за излез од оваа пандемија. И тоа е особено важно за оние кои се во ранливи групи и имаат поголем ризик од заразување со нови видови “, вели Керсмејкер. Брисел повторува дека целта од 70 проценти од вакцинираната возрасна популација во ЕУ е остварлива до крајот на јули, бидејќи доволен број вакцини се доставени до земјите-членки. „Но, останува на самите држави да ја извршат вакцинацијата“, заклучуваат во Брисел.