Регион

Ердоган: Грција да престане да ги вооружува спорните острови

АНКАРА – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Грција треба да престане да ги вооружува островите кои, како што наведе, имаат статус на демилитаризирани територии и да се придржува до меѓународните договори.

Изјавата најверојатно ќе го поттикне обновувањето на долготрајните тензии меѓу соседите во Егејското Море, наведува Ројтерс.

Ердоган минатата недела изјави дека Турција ги прекинува разговорите со Грција.

По петгодишна пауза, двете членки на НАТО минатата година ги продолжија разговорите за решавање на споровите во Медитеранот и други билатерални прашања, но тие преговори не донесоа голем напредок.

„Ја предупредувам Грција да избегнува соништа, дела и изјави за кои ќе зажали. Вразумете се, „рече Ердоган претходно во говор додека ги следеше турските воени вежби во близина на Измир на брегот на западна Турција.

Тој рече и дека Турција нема да се откаже од своите права во Егејското Море и нема да се откаже од користењето на правата утврдени со меѓународните договори кога станува збор за вооружување на спорните острови.

Турција и Грција долго дебатираа за прашања како што се поморските граници, воздушниот простор на двете земји, мигрантите и етнички поделениот Кипар.

Related posts

Leave a Comment