Македонија

ТУРЦИЈА БАРА МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА ИТНО ДА ПРЕЗЕМЕ МЕРКИ ПРОТИВ ПРИВРЗАНИЦИ НА ФЕТУЛА ЃУЛЕН

„Одредени структури на терористичката ФЕТО се уште постојат во државата и ги саботираат нашите пријателски односи“, обвини денеска турскиот министер за одбрана Хулуси Акар. Побара македонската влада во наредните денови да преземе конктретни мерки против сите кои сметаат дека се блиски со движењето на Фетула Ѓулен, а кого Турција го обвини за неуспешниот пуч против претседателот Реџеп Таип Ердоган.

„Имаме имиња на некои од поглавните, кои се споделени меѓу институциите на двете земји. Убеден сум дека во наредните денови ќе преземат конкретни мерки против тоа. Им веруваме на институциите на Северна Македонија.“ – изјави Хулуси Акар – министер за одбрана на Турција.

Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска вели се бара решение и за овие барања, но не очекува тие да ја загрозат ратификацијата на Протоколот за членство на земјава во НАТО.

„Нашата средба и нашите денешни разговори ќе бидат во насоки на наоѓање решенија, и на овој проблем и на ова прашање коешто е важно за Турција, а ние сметаме дека прашањата кои се важни на нашите пријатели и сојузници се важни и за нас.“ – изјави Шеќеринска.

За поврзаност на одредени училишта, фирми и медиуми во земјава со Фетула Ѓулен, Анкара обвинуваше во неколку наврати и побара нивно затворање. Неодамна и турската амбасадорка во земјава изрази жалење дека на ова поле досега, македонската влада не презела никакви мерки.

Related posts