Латиноамериканските лидери навестија дека американските санкции само ќе ја зацврстат нивната решеност за обединување и поддршка на социјалните промени во регионот.
Претседателот на Кубанската комунистичка партија Раул Кастро, претседателот Мигел Диас-Канел и претседателот на Венецуела Николас Мадуро, претседаваа со завршната седница на конференцијата за солидарност во Хавана во неделата, на која присуствуваа повеќе од 1.300 левичари, претежно од Латинска Америка.
Тридневниот собир за, како што велат организаторите, „американската империјалистичка офанзива против прогресивните влади и движења“ се одржа во време кога ширум Латинска Америка се организираат протести.
Мадуро и Диас-Канел ги негираа обвиненијата на САД дека нивните земји стојат зад немирите во регионот, пренесува Ројтерс.
„Тоа е старата диктатура на Пиноче и Меѓународниот монетарен фонд. Народот има право да бара алтернатива“, рече Мадуро во долг и огнен говор, коментирајќи ги наводите на САД дека Куба стои зад протестите во Чиле.
„Тие нè обвинуваат за поттикнување на револуцијата, додека ги покриваат очите, ушите и устата, за да не го препознаат она што луѓето го викаат на улиците – неолиберализмот е економски неуспех и социјална катастрофа“, рече Диас-Канел, осврнувајќи се на немирите во Чиле и изборите во Аргентина.
Кубанскиот претседател ги обвини Соединетите држави дека вршат опсада на неговата земја санкционирајќи трети земји кои тргуваат со неа и ги повика присутните да ги удвојат своите одбранбени напори.