Според последните податоци, над 4600 луѓе се заразени со вирусот
Новиот вид коронавирус ќе ја достигне својата врвна стапка на инфекција во Кина за околу 7-10 дена, изјави во вторникот Жонг Наншан, шеф на тимот експерти формиран од Националната здравствена комисија на Народна Република Кина.
„Коронавирусот ќе ја достигне врвната стапка на инфекција за 7-10 дена, меѓутоа, епидемијата нема да биде широко распространета“, јави агенцијата Ксинхуа, цитирајќи го Жонг Наншан.
„Се разбира, тешко е да се предвиди кога вирусот ќе го достигне својот врв, сепак, мислам дека ќе се случи за една недела или за околу 10 дена“, додаде Наншан.
Експертот истакна дека масовна епидемија на вирусот во Кина е малку веројатна. Тој увери дека масовното движење на населението по завршувањето на празниците, закажано за кинеската Нова година, нема да доведе до зголемување на заразените лица, бидејќи официјални лица низ целата земја работат на откривање на заразените.
На 31 декември 2019 година кинеските власти ја известија Светската здравствена организација (СЗО) за појава на непозната пневмонија во градот Вухан – голем трговски и индустриски центар во централна Кина населена со 11 милиони луѓе. На 7 јануари кинеските експерти го идентификуваа заразниот агенс: коронавирус 2019-nCoV.
Според неодамнешните податоци, над 4600 луѓе се заразени со вирусот, од кои 106 лица починаа. Вирусот продолжува да се шири во Кина и други држави, вклучително и Австралија, Виетнам, Италија, Германија, Камбоџа, Малезија, Непал, Република Кореја, Сингапур, САД, Тајланд, Франција, Шри Ланка и Јапонија. СЗО го призна избувнувањето на епидемија на пневмонија во Кина како национален итен случај, но не прогласи меѓународен.