Колумни

Лидија Ѓорѓевиќ: Тажна сум

Мала сум и трчкам низ куќата. 197 и некоја. Прошли век. Пеам песнички, нон- стоп пеев, и фрлам памуци околу елката која ја кити мајка ми. Свечени моменти, возбудена сум, чекаме гости од Белград и покрај:” Смири се, ќе ја турнеш””Не скокај толку”,” Те молам земи ја прошетај ја, да можам да ја направам руската…”- му се обраќа на татко ми, јас цветам!Тезги на Плоштадот и шарени балончиња, врели костени, пуканки и светкави џиџи- миџи. Сите ќе ги добијам! Мојот татичко воли своју Лидочку…Пресреќна сум! Извесно е дека ме очекуваат преубави моменти!Последните подготовки се во тек.Софрата и тоа како не е посна, на неа цело прасе.Мајка ми ги става своите најлон- хулахопки на своите убави нозе, и мириса на жена.И најлонките и вратот така и мирисаат.На мама.На совршените црти, јака шминка која тетин ми, лекар, Бог да го прости ја презираше исто какошто мајка ми ја презираше неговата ароганција.

Девојка сум и срцето ќе ми излезе од возбуда.198 и некоја. Ги облекувам свилените хулахопки и прв пат ставам високи потпетици.Јака шминка, појака од на мајка ми.На домашната журка ќе биде и” тој”. Неговиот другар лекар ме прашува дали на ” земјоделски” учиме да ораме? Ја презирам неговата ароганција. “Тоа што вие го лечите земјата го покрива, тоа што ние го сееме земјата го открива”Ми ја фрла чевлата од шести спрат.

Ма(Жена )сум.200 и некоја.Среќна сум, доаѓа Нова Година и конечно ќе излезам од дома.
“Не ми треба никој, не одиме никаде” слушам.И покрај тоа, среќна сум! Ќе направам се сама и ќе му принесам на својот маж, а тогаш со свеќи и вино ќе наздравиме и после ќе му приредам бомбастично изненадување!
” Не ми се пие денес”Не, не сакам ни за да наздравам. Реков ни голтка!!!”
” Добра ноќ” – легнувам во 23:58.Пукаат петарди, огномет и нешто во мене.

Средовечна жена сум.2022- ра е на заминување. Заминаа многу млади оваа година.Кој во туѓина, кој Горе, Дома.Факинг корона, вакцини, загадување, прскање однесоа многу. А некои се однесени, а не се свесни. Варосани гробови.Живеам во четврта држава во својот живот, а при тоа не мрднав од Скопје. Наместо на риба и тиква, или прасе и руска, смрди на накиснати мокри капути, сиромаштија, замаеност и апатија. Што е тоа Нова Година? Зошто ли се радував до пред петнаесетина години?
Смрди на омраза, барут и нови војни на балканиве.
Јас смрдам на песимизам, а косата на чад.Смрди на неизвесна иднина за нашите деца и на нешто што не е мама, мајковина ни татковина.Смрди на нешто туѓо, непознато.
Тажна сум.

Related posts

Leave a Comment