Македонија

Независен Експерт: Македонија е пред тотален енергетски и економски колапс, прочитајте зошто!

Многу се зборува за висината на цената на електричната енергија во моментов, но малку се кажува за да разбере и обичниот граѓанин колку е сериозна ситуацијата. Ви објавуваме анализа на еконоски енергентски експерт кој ја замоли нашата редакција за анонимност.

Домаќинствата во Македонија (вклучувајќи ги и помалите фирми кои исполнуваат одредени услови) се снабдуваат со електрична енергија на регулираниот пазар (пазар со цена која ја мониторира регулаторната комисија). Тоа се цените на електричната енергија кои ни ги одредува регулаторната комисија, во договор со трите страни, ЕЛЕМ, МЕПСО и ЕВН. Поради светската енергетска криза, ЕЛЕМ се заложува да ги покрие сите потреби на домаќинствата, па бидејќи оваа струја доаѓа од домашно производство, истата има помала цена, односно ЕЛЕМ ја продава на ЕВН по цени кои се 10-15-20 пати од моменталните на берзата (цени какви што на берзата се среќаваа до 2020 година).

Ова се прави со цел да нема драстично зголемување во тарифните модели со кои се тарифираат домаќинствата. Нема да зборувам сега на оваа тема, бидејќи овие цени не би скокнале драстично, бидејќи тоа би бил политички удар за секој што ќе донесе таква одлука.
Надвор од овие домаќинства, фирмите се снабдуваат на отворениот пазар. Со либерализација на пазарот пред неколку години, фирмите се здобија со можност да се снабдуваат и од други снабдувачи освен ЕВН кој имаше монопол.

Се отворија фирми снабдувачи кои слично како и фирмата ЕВН Снабдување, почнаа да се борат за снабдување на овие фирми, нудејќи им е поефтина струја. Да се разбереме, во 99% од случаите овие фирми немаат свое производство, туку таа струја ја купуваат од одредени производители и само ја препродаваат на фирмите. Бидејќи оваа електрична енергија воглавно се увезува од странство (пример, си имам фирма за снабдување, си правам договор со производител од Грција, ја набавувам електричната енергија од него по една цена, тука ја препродавам по друга), договорите по кои се набавува воглавно се поврзани со HUPX берзата, односно унгарската берза која се зема како референтна вредност.

Цените на DA HUPX маркетот (маркет за набавка на ден однапред од дадениот) се објавени јавно на:
https://hupx.hu/en/market-data/dam/weekly-data

Секој може да одбере недела на календарот и да ги симне часовните цени по MW.
Тука е берзанската игра на компаниите снабдувачи, кои „бркаат“ да купат енергија од разни производители и да ја препродадат по повисоки цени. За да успеат да договорат доволно количество електрична енергија за да ги услужат своите странки, мора да прават долгорочни договори, од кои некогаш ќе ќарат ако се погодат цените во иднина, а некогаш може и да пропаднат (како што беше случајот минатата година).

На пример, во март месец 2021, се договориле да набавуваат електрична енергија од некој странски производител по цена HUPX + random %, а со своите странки се договориле енергијата во ноември да им ја продаваат по 150 евра од MW, што во тој момент им изгледало како голема добивка. Ама предвидувањата за идната цена на HUPX берзата не излегле во нивна корист и излегло дека цените во просек отишле над 300 евра од MW, што ги донело до пропаст.

За да се заштитат, новите договори кои ги прават се врзани со DA цената од HUPX маркетот.
На пример, јас ја купувам енергијата по цена на HUPX + 2% (за и производителот да има ќар), ја препродавам по цена HUPX + 5%.
Што донесе ова за фирмите на отворен пазар?
Донесе европски цени, при македонски приходи.
Но, тоа не беше таков случај во минатото. Цените на берзата се одредуваат според цената на трошоците за производство и дистрибуција на електричната енергија до онаа количина во која ќе се сретнат побарувачката и потрошувачката на пазарот. Најпрвин се зема предвид енергијата произведена од изворите на зелена енергија (соларни панели, хидроцентрали, ветерници итн), која е најефтина. Па енергијата од централите кои работат на јаглен, па така натаму до најскапите извори на електрична енергија како централите на гас (поради високата цена на гасот), нулеарните централи итн.

Кога за време на короната, потрошувачката на енергија поради карантините беше многу мала, цените на берзите бележеа рекордно ниски цени (бидејќи скоро цела потребна енергија беше од зелените извори), па снабдувачите триеја раце бидејќи ја купуваа енергијата за ич пари. Некогаш пред короната се случуваше на една фирма да и биде поисплатливо да се снабдува на отворен пазар отколку од регулираната цена која се нудеше на домаќинствата, но тоа е ризик кој некогаш ќе поминеше, а некогаш не. Планот беше со годините да се либерализира и пазарот за домаќинствата, па и тие да се снабдуваат на ист начин како и фирмите во моментов, но ЗА СРЕЌА, тоа се’ уште не стапи на сцена.

Цените на струјата доживеаја тотален рекорд, каков што веројатно и најголемите песимисти не очекувале. Од некој просек до 50-тина евра од MW како што беше до 2021 година, цените почнаа да растат со порастот на цената на гасот минатата година. Бидејќи голем дел од централите работат на гас, плус цела Европа е гасифицирана, тоа си повлече зголемување и на производните трошоци на електрична енергија и повисоки цени на берзата. На првата слика се дадени споредби на цените во периодот од 1 до 24 август од 2018-2021 година.

Можеме да забележиме колку се повисоки цените во 2021 од минатите години. Ланската година ни беше бум, како прва година пост короната. Цени во август до 250 евра, а до нова година и до 400-500 евра од MW. Државата од свој буџет спречи енергетска криза минатата зима, покривајќи ги со државни пари сите недостатоци на енергија. Ако македонските капацитети не работат на највисоко ниво, нема ни доволно енергија да се покријат домаќинствата, па станавме познати по „крадење“ електрична енергија од странство и потоа плаќање на истата по цени од HUPX + random %. Значи ЕЛЕМ продавал по цени 10 пати помали од HUPX, а недостатоците ги набавувал по европски цени. Се’ за да не се зголеми цената на домаќинствата.

Фирмите во тој период добија некои субвенции за да се соочат со бумот, па некако го истуркаа тој период.
Не сум сретнал јавен податок колкав дел од буџетот се искористил за покривање на недостатоците и надминување на кризата, ама верувам дека се работи за стотици милиони евра. Немавме рестрикции, ама отиде буџетот на државата.
На втората слика ја имаме споредбата на цените со додадена 2022 година. Линиите од часовните цени од претходните години скоро и да ги нема на графикот. Цените достигнаа дневни просеци од 700 евра од MW, а во некои часови отидоа и до скоро 900 евра. Не е вметната последната недела, а цените во некои часови во истата, отидоа и над 1000 евра од MW.

Веројатно сега ви е јасно зошто се поголеми сметките. Значи до 2022 просекот на цените во летните денови бил по 30-60 евра од MW, а сега е меѓу 500-700 евра од MW и полека граби нагоре.
Ланските претпоставки беа дека цените ќе се стабилизираат во март 2022 година, но војната во Украина ги помати сметките. За волја на вистината, цените и без војната немаше никогаш да се вратат на оние пред 2021 година, но
играта околу набавката на рускиот гас дополнително ја влоши работата.

Со рестрикциите кон Русија, Европа буквално „си пукаше во колено“. Свесно Европа оди надолу, а буквално немаат никаков план. Самите држави излегуваат со некакви смешни планови за штедење, ги тераа луѓето да не користат летни одмори, туку во зимо да одат во држави ко Египет. Дури и водечките лица на Словенија и Србија најавија апокалиптични сценарија за зимата. Предвидувањата велат дека цените ќе се намалат до оние од 2021 година (кои и тогаш ни беа превисоки) некаде во 2025 година.

И одеднаш сите компании кои се снабдуваат на отворен пазар во Македонија, останаа зачудени за нивните нови сметки. Нема ништо чудно во сметките. Електрична енергија набавуваш од странство, а работиш со македонски приходи. Тоа ти е како со македонска плата да одиш да живееш во Германија. Прашање на време кога ќе крахираш.

Пресметката е едноставна. Си склучил договор да плаќаш по цена HUPX + 10% на пример. Нека просечната пондерирана цена според твојата часовна потрошувачка изнесува некои 400 евра (оптимистичко сценарио, според цениве во август). Плус 10 %, значи дека плаќаш 440 евра од MW. Едно домаќинство троши околу 1 MW, а мала фирма околу 10-20 MW. За големите да не коментираме. Значи со 10 MW, ти треба да платиш сметка од 4400 евра за струја. Во зима просечната цена ќе биде околу 700 евра, значи ќе треба потрошувачката да си ја множат по 770 евра.

Замислете мала пекара треба да плати 5000 евра за струја во лето? А во зима сметката би била над 10000 евра.
Мислите дека некоја локална пекара може да ги покрие овие сметки?
Гарантирано сите мали бизниси ќе пропаднат. На исти тарифи се и општинските осветлувања, државните институции, училиштата, болниците итн.
Не чека зима во која мерките за штедење сигурно прво ќе удрат врз уличното осветлување. Ниту една општина не е способна да плаќа по 20000 евра само за струја. Скоро гарантирано наставата би се префрлила по дома, затоа што никој не би можел да ги подмири сметките на училиштата.
Знаеме што повлекува затворањето на малите бизниси? Невработеност, немање прилив на средства во државниот буџет од даноци, дури и опасност да не работат некои суштински субјекти од прехранбената индустрија.

Решение нема, бидејќи цената е европската, а ние немаме капацитети за сами да ги покриеме сите потреби на ниво на Македонија.
Дополнително, ако се случи некој дефект во РЕК Битола, Осломеј или Неготино, Македонија ќе биде во ситуација како ланската кога ќе мора за домаќинствата да набавува енергија од странство. Ама ако тогаш беше полн буџетот, сега не е таков случајот.
Околните држави предвидуваат мерки во кои ќе се субвенционираат сметките на компаниите на отворен пазар. Пример компаниите да си покриваат до одредена сума, а натаму да покрива државата.

Со кој буџет ќе покрива Македонија?
И секако, едно непопуларно решение се рестрикциите. Во Косово почнаа од сега, на пример. Но, ниту ова не е решение, затоа што во часовите кога ќе нема рестрикции, сите ќе трошат на големо, што ќе доведе до дефекти, а и до повторен недостиг на електрична енергија, кој повторно ќе мора да се покрива од станство, по страшни цени.
Рестрикциите во струјата водат и до други проблеми. Како ќе стигнува водата до повиските спратови, ако пумпите не функционираат? Ако има криза за прехранбени производи, како би готвеле луѓето за да се снаоѓаат?

Европа нема план. Не Македонија, туку Европа. Проблемите во енергетиката се решаваат од сега за 10 години нанапред, не може да изградиш централа преку ноќ. Сега може да се молиме дека блоковите во РЕК Битола ќе работат со цел капацитет, дека Осломеј и Неготино ќе работат како никогаш досега, дека ќе имаме доволно хидрокапацитети, мека зима и невозможното, ГАС ОД РУСИЈА кој ќе овозможи парно греење.
Ако 50000 домаќинства кои се на парно, се префрлат на струја, тек тогаш ќе се чудиме што не снашло.
А нема абер за договор со Русија, па алтернативата е горење мазут итн.
А немаме ни мазут, ни јаглен. Увезуваме, цените за транспорт се високи, патиштата низ Македонија трпат големи штети поради камионите за транспорт од соседните држави. Уште една причина зошто ни треба развиена железничка мрежа.

Како решение за иднина, со сигурност ќе биде изградбата на фотоволтаици. Она што ме плаши е алчноста на политичарите да ги испродадат сите земјоделски земјишта на странски фирми кои ќе ни произведуваат електрична енергија, па дополнително да станеме зависни и од увоз на храна (парадокс, за земја со такви капацитети како нашата).
Во налетот на оваа криза, населението треба подобро да знае што го чека, а политичарите кои со години го рушат енергетскиот сектор и си ги користат енергетските фирми за партиски вработувања на најзаслужните членови, да си ја чукнат главата и со здружени сили да седнат да скројат планови

Related posts

Leave a Comment