Никола Ѓурѓај, претседател на Македонско друштво „Илинден“-Тирана и главен и одговорен уредник на истоимениот весник на македонски јазик во Албанија, вели дека кај западниот сосед на Македонија живеат 120.000 Македонци, повикувајќи се на проценките на македонските организации во оваа земја.
„Македонците во Албанија ги има во четири етнички области: Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник, како и во најголемите градови – Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Скадар, Кукс, Берат, Либражд, Валона, Фиер, Патос. Бројноста на Македонците во Албанија е 120.000 според проценка на македонските организации во земјата“, нагласува членот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), единствена партија на македонското национално малцинство во Албанија, како и основач на Форумот на младите на МАЕИ.
На крајот од февруари весникот „Илинден“ одбележа девет години од излегувањето на првиот број.
„Во изминатиот деветгодишен период весникот прерасна во медиум кој со сериозноста и со пристапот кон темите е интересен и корисен за Македонците во Албанија, но и за промоција на активностите на македонската дипломатија за подобрување на животот на македонското население надвор од границите на матичната држава. Нашата мисија е да го одржуваме и да го поттикнуваме македонскиот идентитет во Албанија, што преку културниот израз целосно се остварува. Им се заблагодаруваме на сите соработници, кои несебично помогнаа во конципирањето на тематската и на визуелната содржина на весникот“, вели првиот човек на информативното гласило на македонската заедница во Албанија.
Ѓурѓај е роден во Тирана, а по потекло е од областа Голо Брдо. Основно и средно образование завршил во Тирана, а со високо образование се стекнал на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за физичка култура. Бил стипендист на македонската Влада, а во моментот е на магистерси студии на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Правен факултет, отсек Демократски институции и човечки права.
„Би сакал почесто да го слушам гласот на Македонците низ светот, да реагираат за сите случувања во татковината кога е потребно. Посакувам поголеми успеси и на сите македонски друштва што функционираат во светот да бидат поорганизирани и да соработуваат меѓу себе. Само така ќе можеме да придонесеме за афирмација и за остварување на нашите права“, порачува македонскиот активист од Албанија./ МакедонцитеВоСветот