ПАРИЗ – Работници од железниците, наставници, лекари, адвокати и други се приклучија на протестите низ целата земја околу плановите на францускиот претседател Емануел Макрон за реформа на пензискиот систем.
Додека владата и синдикатите водеа клучни преговори за промените, уличните протести беа организирани во Париз и другите француски градови, при што штрајкот на железничарите влезе во шестата недела, објави АП.
Маршот во Париз започна од плоштадот Република во централниот дел на градот со големо полициско присуство, а претседателската палата беше забарикадирана бидејќи демонстрантите требаше да се упатат кон тој дел од градот.
Ајфеловата кула беше затворена додека вработените се приклучија на протестот.
Метро сообраќајот во Париз беше десеткуван, со исклучок на две автоматски линии што нормално функционираа. СНЦФ, национална железничка компанија, соопшти дека штрајкува со околу една третина од своите работници.
Три од петте брзи возови работеа, а регионалниот железнички сообраќај беше во проблем. Многу училишта беа затворени.
Синдикатите ги повикаа работниците да го блокираат пристапот до најголемите пристаништа, вклучително и пристапот до пристаништето Марсеј. Лидерот на синдикатот ЦГТ, Филип Мартинес, рече дека голем број луѓе се во штрајк, но владата не сакаше да разговара и да го земе предвид мислењето на унијата.
Разговорите меѓу владата и унијата продолжија во вторникот, но не беше постигнат компромис.
Нова рунда разговори фокусирани на финансирање на новиот пензиски систем е закажана за утре. Макрон побара од неговата влада да најде брз компромис со синдикатите.
Засега, владата останува на планот да ја зголеми возраста за пензионирање од 62 на 64 години. Промената треба да интегрира 42 различни системи во единствен пензиски систем.