Поранешниот градоначалник на Кавадарци, Александар Панов под истрага за поседување монети пронајдени на археолошки локалитети во земјава. Велешкото обвинителство во соработка со полицијата од Велес и Кавадарци утринава направиле претрес во домот на Панов и неговите родители под сомнение дека поседува над 1.000 монети со археолошка вредност.
По направениот претрес, одземени се неколку колекции монети за дополнителни испитувања. За нивното потекло, кавадаречката полиција два часа го распрашувала Панов. По дадениот исказ, екс градоначалникот на Кавадарци заминал дома.
Тој потврди дека утринава неговиот дом и домот на родителите ги посетиле обвинител и полиција кои при претресот одзеле колекции монети.
Панов вели дека пронајдените колекции се модерна нумизматика.
“Пријавата најверојатно е злонамерна и со тенденција да ми се наштети. Нема стари момента во мојата збирка. Ги собирам од дете, сигурно 40 години”, изјави Поранешниот кавадаречки градоначалник.
Тој Додаде дека и претходно бил пријавен за истиот случај но по вештачењата на монетите, истата збирка му била вратена.