Молдавската претседателка Маја Санду изјави денеска дека проруските сили во републиката сакаат да ја соборат владата во земјата, пренесе РИА Новости.
Проруските сили, како и сите овие криминални и корумпирани групи кои делуваа како обединет фронт со проруските сили, избраа да се ослободат од оваа влада, да ги запрат реформските процеси, а особено да ја стопираат реформата на правосудството – изјави Санду во интервју за романскиот портал „Хот њуз“.
Како што додава руската новинска агенција, Санду, сепак, не ги поткрепила своите тврдења со никакви докази.
Проруските партии во Молдавија традиционално се нарекуваат опозициски леви партии, особено Блокот на комунистите и социјалистите, како и партијата Шор.
Овие политички формации се посветени на одржување на партнерството со Русија, како и заштита на интересите на населението што зборува руски.