Европа има голем број новозаразени со ковид. Неколку земји ја повлекоа „кочницата“ и воведоа дополнителни мерки во борбата против пандемијата – од обврска за носење маски за деца, делумни забрани за собири, до задолжителна вакцинација, особено за одредени занимања.
Но, како што трае пандемијата, така расте и гневот на многу луѓе. Десетици илјади од нив низ Европа протестираат со недели. Што ги тера да излезат на улица? И во кои земји има особено многу противници на пандемиските мерки?
Протести, незадоволни и недоверливи има насекаде, вклучително и во централна Европа. Во главниот град на Австрија неодамна полицијата се справи со околу 40.000 луѓе кои демонстрираа против најавената задолжителна вакцинација, а на протестот имаше и насилни инциденти.
Минатиот викенд во Брисел демонстрираа околу 8.000 луѓе. Тие се упатија кон седиштето на Европската унија, каде што некои се судрија и со полицијата.
Во Луксембург демонстрантите се собраа на жичените огради околу божиќните саеми, бидејќи внатре може да дојдат само вакцинирани, излечени или оние кои имаат негативен тест за ковид.
Ситуацијата се вжешти и во Холандија. Пред неколку недели во Хаг, стотици луѓе го свртеа својот гнев на велосипеди оставени на улица, и фрлаа со камења и други предмети кон полицијата. Изминативе денови имаше протести во земјата, но тие поминаа без инциденти.
Се крчка и во Германија: собири се одржани во неколку градови, а во провинцијата Саксонија, каде собирите се забранети поради ковид мерките, луѓето се поканети на таканаречените јавни прошетки. Тажната кулминација на овие протести беше поворката со факели пред приватната куќа на провинциската министерка за здравство, Петра Кепинг, во градот Грима.
Шаренолико друштво
Направени се многу „грешки во комуникацијата“ од почетокот на пандемијата, но и затоа што не се знаеше многу за коронавирусот. Поради ужасно големиот број на смртни случаи во Италија или Шпанија на почетокот на пандемијата, проценките за смртните случаи од вирусот понекогаш беа вакви, понекогаш такви. За ефикасноста на заштитните маски дури се дебатира долго време. Некои експерти (и политичари) кажаа едно, други нешто сосема друго.
Затоа некои уште тогаш почнаа да се сомневаат – дали навистина случајно „оние горе“ се предомислуваат или не сакаат да кажат што навистина се случува? Медиумите во најголем дел само долеаја масло на огнот пишувајќи дека против мерките, пред се „негаторите на короната“, се хулигани, неонацисти …
Марк Хоџ, професор по политички науки на Католичкиот универзитет во Лувен во Белгија, рече дека демонстрантите биле „комбинација од многу различни општествени групи, секоја со свој мотив“. Тој ги споредува луѓето што протестираат во неговата земја со протестите на „жолтите елеци“ во Франција, каде особено на почетокот беа заедно членови од различни општествени слоеви.
Слично е и во Германија. „Заедничко им е фрустрацијата – не само поради политиката против короната, туку и поради демократијата и улогата на политичките институции. А тоа потоа се протегнува дури до Антропозофите (езотериско движење формирано од Рудолф Штајнер) и нивната недоверба во модерното време”, објаснува социологот Јоханес Кис од универзитетот во германски Зиген. „Она што можевме да го видиме насекаде е дека во првите редови на протестите на чело се ставаат актери од вистинскиот политички спектар, дека ги организираат и мобилизираат луѓе.
Тоа не се променило со месеци: „Таа приказна за тоа како десницата го презеде движењето е глупост. Тие учествуваа од самиот почеток. И не беа проблем за никого од почетокот“, истакнува професорот Кис.
На демонстрациите во Виена, како што објави австрискиот јавен сервис ОРФ, членовите на екстремно десничарското Движење за идентитет собрани околу Мартин Зелнер беа важна движечка сила. Десничарската партија ФПО продолжува да повикува на протести, а нивната веб-страница содржи еден вид „демонстративен календар“ кој, како што велат, „постојано се ажурира“. Дополнителна поддршка им доаѓа од конзервативните католички кругови – нивниот портпарол Александар Чугел, кој долго време е познат по тоа што се противи на хомосексуалните бракови и кој изразува сомнеж за значењето на заштитата на климата.
Сепак, не е толку лесно „да се стават демонстрантите во една фиока“, вели Кис. „Секогаш сè зависи од контекстот и политичката култура во одредена земја. Така, во Холандија во истиот ред влегуваат и припадници на евангелскиот спектар, но и фудбалски хулигани. „Нема ништо слично во други земји во таа форма“, вели Кис.
И внатре една држава се забележуваат огромни разлики. Според студијата спроведена од Универзитетот во Базел во име на Фондацијата Хајнрих Бел, блиска до германските Зелени, спроведена кон крајот на ноември, луѓето кои протестираат во југозападна Германија главно влечат корени во „алтернативни движења“ кои се противат на „официјалната“ медицина, како и политички повеќе лево ориентирани групи. Од друга страна, на истокот на Германија уделот на десничарската Алтернатива за Германија (АфД) е многу поголем.
Што сакаат – а што не сакаат демонстрантите?
„Во принцип, може да се каже дека секогаш се работи за многу, многу повеќе, а не само за короната“, вели проф. Кис. Така, во Франција протестите на прв поглед беа насочени против мерките за заштита, „но всушност секогаш се работи за претседателот Макрон и неговиот начин на водење политика“.
Во Холандија, протестите се тесно поврзани со социјалната политика и растечкиот јаз во општеството меѓу оние кои имаат и оние кои се оставени на страна: „Не смеете да ја потценувате опасноста од тоа буре барут. Лесно може да се запали, на пример поради мерките против короната“.
И во германската покраина Саксонија пред се се работи за чувство за недостаток на демократија и незадоволство од политиката. Тој оценува дека ковидот е само повод за мобилизација: „Екстремната десница ја искористи оваа прилика да ги шири своите тези за неуспесите на комплетниот (политички) систем.
Ќе има ли уште поголеми немири?
Експертите не се оптимисти: „Ситуацијата се влошува со месеци“, рече Кис. И министрите за внатрешни работи на германските покраини претпоставуваат дека протестите ќе бидат се порадикални, а од Службата за заштита на уставниот поредок предупредуваат дека тие особено ќе се засилат доколку се воведе задолжителна вакцинација. Социологот Кис, исто така, очекува поголемо насилство и посочува дека „незаконските протести требаше да се спречат уште порано и пожестоко со, на пример, поконзистентно пишување казни и распуштање на митинзи, пред сè во Германија“.
Но, за многумина „мостовите се урнати“ и ќе биде тешко повторно да поверуваат на „оние горе“, што и да кажат, дури и кога ќе ја нема короната.