Свет

Путин: Европа треба да и се заблагодари на Турција за транзитот на гас од Русија

МОСКВА – Гасоводот Турски тек работи без прекин и европските партнери мора да и бидат благодарни на Турција за тоа, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин на средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Сочи.

„Верувам дека нашите европски партнери мора да и бидат благодарни на Турција за нејзината поддршка за непречен транзит на нашиот гас на европскиот пазар“, рече Путин, а пренесува ТАСС.

Тој изрази очекување дека денеска ќе биде потпишан меморандум за развој на трговско-економските врски меѓу двете земји, додава Спутник.

Рускиот претседател му се заблагодари на Ердоган за напорите што ги направи за да се реши прашањето за испорака на жито од Украина.

Ердоган рече дека Анкара и Москва се пред отворање на нова страница во билатералните односи и соработка.

„Верувам дека нашиот разговор ќе отвори нова страница во односите меѓу двете земји. Би сакал да разговараме за прашањата за енергетската соработка, извозот на жито преку Црното Море, туризмот и регионалните прашања“, рече Ердоган.

Тој посочи дека една од темите на разговорот ќе биде и прашањето за Сирија.

„За нас борбата против тероризмот во регионот е важна. Денеска светот ги следи разговорите во Сочи“, рече турскиот претседател, а Путин потврди дека темата ќе биде на дневен ред.

Турскиот лидер истакна дека е неопходно да се преземат чекори за да не се одложи работата на нуклеарната централа „Акују“.

По разговорот меѓу двајцата претседатели во четири очи, ќе им се придружат и делегации.

Во турската делегација се министерот за надворешни работи, министерот за одбрана и шефот на разузнавачката служба, а во Русија, меѓу другите, ќе престојува и чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, пренесува ТАСС.

Путин и Ердоган се сретнаа на 19 јули во Техеран, каде на трилатералната средба Русија-Турција-Иран се разговараше за ситуацијата во Сирија.

 

Related posts

Leave a Comment