Специјалниот претставник на рускиот претседател во Сирија, Александар Лаврентјев, рече дека потенцијалниот конфликт меѓу турските и сириските владини сили не му е во интерес на никого и дека Москва нема да дозволи такво нешто.
Александар Лаврентјев изјави дека таквиот конфликт ќе биде неприфатлив, пренесува Тас.
Тој исто така негираше дека Москва дала „зелено светло“ за турската операција во Сирија, истакнувајќи дека Русија „секогаш сметала дека воена операција во Сирија е неприфатлива“, пренесува АП.
Во изјавата за руските медиуми, тој потврди дека курдските водачи и претставници на сириската влада разговарале во руската воена база Хмејим минатата недела, наведувајќи дека тој не е запознаен со резултатите од состанокот.
Лаврентјев исто така рече дека Русија се надева дека американските сили ќе ја напуштат Сирија, но дека во моментов е тешко да се процени дали тоа ќе се случи.
„Сите се надеваме дека американските сили наскоро ќе ја напуштат Сирија“, рече Лаврентјев, пренесе Тас.
Според него, турската операција всушност ги охрабри Курдите да разговараат со сириската влада, изразувајќи надеж дека успешниот дијалог Курди-Дамаск може да биде „голем чекор кон враќање на сирискиот суверенитет, територијалниот интегритет и независност“.
Лаврентјев исто така рече дека Русија отсекогаш правела одредени напори да посредува во оваа насока.