МОСКВА – Русија потпиша договор за испорака на втората серија на ракетниот систем С-400 во Турција, каде ќе се произведуваат и некои компоненти, изјави денеска шефот на Федералната служба за воено-техничка соработка Дмитриј Шугаев.
„Договорот со Турција во моментов се спроведува во пракса“, рече Шугаев и посочи дека во следните неколку години, мала е веројатноста која било земја да дизајнира систем што би можел да биде ривал на ракетата С-400 Триумф, пренесува Тасс.
Од друга страна, Ројтерс објави дека турски одбранбен претставник денеска изјавил дека нема нови договори“ со Русија во врска со набавката на ракетни системи.
„Оригиналниот договор, кој беше потпишан претходно со Русија за купување на С-400, веќе вклучуваше две серии“, рече претставникот.
Ројтерс додава дека секој нов договор за одбрана меѓу Русија и Турција би предизвикал сериозна загриженост за Вашингтон бидејќи се обидува да ја изолира Русија и да го одржи единството на НАТО среде војната во Украина.
Тас потсетува дека Турција во 2017 година стана првата земја од НАТО што купи системи за воздушна одбрана С-400 од Русија.
Ројтерс објави дека како дел од тој договор, наводно вреден 2,5 милијарди долари, Турција ги добила првите испораки во јули 2019 година.
Се додава дека како одговор, Соединетите држави воведоа санкции за турската одбранбена индустрија во декември 2020 година и ја исфрлија Анкара од програмата за стелт-ловци Ф-35, каде што беше производител и клиент.
Анкара оцени дека овие потези се нефер.
Рускиот S-400 Triumf е најновиот ракетен систем земја-воздух со долг и среден дострел, дизајниран да уништува стратешки и тактички авиони и може да погоди кои било други воздушни цели.