Центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) испитуваат смрт на жена од Орегон и хоспитализација на друга жена во Тексас откако примиле КОВИД-19 вакцина од Johnson & Johnson, соопштија здравствените власти.
Советниците на ЦДЦ треба да се состанат во петок за да разговараат дали е безбедно да се продолжи со употребата на вакцината Johnson & Johnson , која се дава во единечна доза, додека високите здравствени службеници се подготвуваат да дадат зелено светло на вакцината.
„Важно е да се запамети дека само затоа што нешто е пријавено, не мора да значи дека е предизвикано или поврзано со вакцината“, рече Имелда Гарсија од здравствената агенција во Тексас, објави весникот „Остин Американ-Стејтсман“.
ЦДЦ го извести Орегон за случајот во вторникот, а Тексас во средата, соопштија здравствените власти од тие држави.
Жена од Орегон, на околу 50-тина години, примила „Johnson & Johnson“ пред да биде паузирана употребата на вакцината, соопшти државниот здравствен орган.
Таа развила редок, но сериозен тромб во рок од две недели по вакцинирањето, забележан во комбинација со многу ниски тромбоцити, соопшти здравствената управа во Орегон (ОХА), додавајќи дека истрагата се уште трае
Една жена од Тексас, која примила иста вакцина, била хоспитализирана поради слични симптоми како и шест лица во САД, кои неодамна формирале згрутчување на крвта, рече портпаролот на здравствената агенција во Тексас.
Двете држави потврдија дека новите случаи се одделени од претходните шест.
Американските здравствени агенции минатата недела препорачаа да се прекине употребата на вакцината J&J поради шест ретки случаи на згрутчување на крвта меѓу приближно седум милиони луѓе кои примиле вакцина.
Европската агенција за лекови (ЕМА) во вторникот соопшти дека постои можна врска помеѓу вакцината J&J и ретките згрутчување на крвта кај возрасните кои примиле вакцина во САД, но додаде дека придобивките од вакцината ги надминуваат ризиците.