Свет

САД ја обвинија Сирија за употреба на хемиско оружје во мај

 

Американскиот државен секретар Мајк Помпео во четвртокот изјави дека САД заклучиле дека владата на сирискиот претседател Башар ал Асад користела хлор како хемиско оружје во напад врз бунтовниците во Идлиб во мај.

„Режимот на Асад е одговорен за безброј злосторства, од кои некои одговараат на воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече Помпео на прес-конференцијата во Њујорк каде присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации.

„Денес објавувам дека САД заклучија дека режимот на Асад користел хлор како хемиско оружје на 19 мај“, рече тој.

САД во мај објавија дека примиле низа извештаи за изложеност на хемикалии по нападот на сириските владини сили на северозападниот дел на земјата.

Владата на Трамп двапати ја бомбардираше Сирија за наводно користење хемиско оружје, во април 2017 и април 2018 година.

Во април 2018 година САД, Велика Британија и Франција извршија напади на три локации за кои се тврди дека се поврзани со хемиско оружје, како одмазда за наводниот напад со нервен гас во кој загинаа неколку десетици луѓе во предградие на Дамаск претходно тој месец.

Асад започна офанзива против Идлиб и соседните провинции на крајот на април годинава, тврдејќи дека бунтовниците го нарушиле примирјето.

Помпео, исто така во четвртокот изјави дека Вашингтон вовел нови санкции за двајца руски субјекти, бидејќи тие ја снабдувале сириската влада со гориво.

Related posts

Leave a Comment