Кога ќе престане дејството на терапијата која ви е препишана од доктор специјалист за душевни пореметувања,многу често шизофренијата се мултиплицира.Пример како создаден за опсервација за студенти по психијатрија е ликот со име Бранко Тричковски.
Во излив на нервен напад после неуспешно лечење еден пациент ќе напише:
Кому му е гајле за Гоце, бе!
Гоце е подгреано ќофте што ни се сервира како голем, крвав бифтек.
Додека луѓето бараат пица или шпагети болонезе.
Од новите батерии на Илон Маск и место во автобусот за Падова.
Исцрпувачка дебата се водела во комисијата за историја, бугарските и македонските научници оствариле напредок во однос на Гоце Делчев!
Како е можно да се случуваат вакви сериозни ступидарии што минувата низ сивата маса на нормалниот човек како четка за влачење на волна.
Не знам што е поглупаво во горната реченица. Исцрпувачка, дебата, напредок, Гоце Делчев!?
Кому му е гајле за Гоце Делчев.
По ѓаволите со Гоце Делчев.
И со неговата верна дружина.
Слави Трифонов е поголем од Гоце Делчв. И Бугарин и револуционер и уметник. Не се заебавам. Златко Ориѓански е поголем Македонец, револуционер и уметник. Како од кого. Од Гоцета, разбира се, но и од многу други живи створови закачени за националната цицка на културата, револуцијата и, воопшто, на животот.
И на историографијата, с´што.
На историографијата, посебно.
Кога сакав да бидам близок до патетичниот свет на политиката и историографијата, предлагав да се прифати ваква формулација: Гоце Делчев е Бугарин во чија мисија, Македонците наоѓаат важни точки на својата историска легитимација.
Но, сега, кога гледам дека се водат “исцрпувачки дебати”, ја повлекувам ова формулација и и предлагам на македонската страна да заземе супериорна и, истовремено, благородна позиција и да и дозволи на бугарската страна сама да ги формулира нештата. Како ќе кажат тие, така ќе напишеме во учебнците или каде веќе се треба да напишеме.
Со таков пристап ќе се постигнат неколку ефекти.
Прво, позицијата на бугарската страна без македонскиот отпор ќе се пројави со сета своја застареност, трапавост и безвезност, не во смисла на историските факти, туку во поглед на современите очекувања. Јас знам дека на овој начин тие не само што ја ревидираат историјата, туку и ја создаваат, но тоа не ги намалува шансите и ние да создаваме историја така што ќе создаваме живот, култура, уметност, економија, така што ќе престанеме да се однесуваме кон историјата како кон завршена работа што ќе ја чуваме како непроценливо богатство. Второ, за волја на вистината, треба да се каже дека во однос на фактите, бугарската позиција е на десетина сантиметри од вистината, а македонската е на растојание од неколку илјади километри, според тоа, нека биде така како ќе речат тие, трето, Гоце е една од фигурите преку која може да се отвори лековитиот процес на десакрализација на македонската историографска и историска втемеленост врз прилично големи количества лаги и бесмисли и, четврто, ќе го разбереме сите олеснувачкото дејство на сознанието дека никакви гоцевци не можат да ги решаваат нашите перспективи, ниту да не легитимираат пред самите себе и пред светот, ако ние се занимаваме со подметнувањата на вмро, со вмро како подметнување и со други сиромаштии на духот. Впрочем, ние заглавивме со Гоце на челу колоне, не!
Можеби има вистина во тоа дека преку историски ревизии, Бугарија сака да ја изнесе македонската риба на суво и да не бугаризира, но јас не гледам како на чело со Гоце можеме да се одбраниме од тие намери ако живите во екипата ни се труби.
Треба да ја ослободиме нашата истриографија од конститутивните задачи и очекувања на нацијата. Всушност, тоа ослободување може и сигурен сум дека ќе биде, важен камен во темелот на Северна Македонија како димензија на македонската модерност и свртеност кон иднината.
Ѓулињата на лажната историја или на вистинската историја на која и се калемат лажни очекувања, треба да се откачат од нашиот балон и да се остават во калта на историјата.