Словачките пратеници тесно го поддржаа одбранбениот договор со Соединетите држави во средата, со што Словачка стана последната членка на НАТО на источната граница на алијансата која склучи таков пакт, и покрај силното противење во парламентот предизвикано од кризата во Украина, објави Ројтерс .
Договорот им дозволува на американските сили да користат два аеродроми во Словачка, која дели кратка планинска граница со Украина.
Но, јавното мислење на словачката јавност не се совпаѓа со одлуката на парламентот. Истражувањето во јануари покажа дека 44 отсто од Словаците веруваат дека НАТО и САД се одговорни за тензиите меѓу Русија и Украина, додека 35 отсто ја обвинуваат Русија.
Словачката влада објави дека договорот за одбранбена соработка е во согласност со договорите потпишани од 23 други партнери на НАТО, вклучително и сите од источното крило на алијансата.
„Договорот е можност за нас да ја модернизираме, заедно со САД, нашата одбранбена инфраструктура“, рече министерот за одбрана Јарослав Над пред гласањето. „Нашите сојузници го гарантираат нашиот суверенитет. Алијансите се токму тоа“.
Договорот го поддржаа 79 пратеници, од потребните 76 во 150-члениот парламент. Претседателката Зузана Чапутова подоцна го ратификуваше договорот. Среде жестока дебата, провладините пратеници во еден момент развија украинско знаме пред словачкото. Пратеник од опозицијата го зеде и ја скина заштитната маска од лицето на човекот што ја држеше.
Пактот ѝ дозволува на американската војска да ги користи капацитетите на двата аеродрома во Словачка, Слиач и Малаки, во следните 10 години, вклучувајќи складирање опрема. Распоредувањето на војници сепак ќе треба да биде одобрено од парламентот. Словачка ќе добие и 100 милиони долари за модернизација. Опозицискиот лидер Роберт Фицо, чија партија беше во владата кога се преговараше за договорот, го опиша договорот како „предавнички, валкан, лош“ и рече дека оние што го поддржуваат сакаат Словачка да биде „провинција“ на Соединетите држави.