Свет

Спречен атентат врз претседателот на Венецуела, Николас Мадуро

Претседателот на парламентот на Венецуела, Хорхе Родригез изјави дека неговата влада спречила планиран напад со беспилотни летала врз претседателот Николас Мадуро.

Родригез изјави дека четири беспилотни летала полетале на 22 јуни со цел да го нападнат Мадуро, за време на церемонијата на отворање на новиот споменик по повод 200-годишнината од битката кај Карабоб, пренесува германската агенција ДПА.

– Нашите разузнавачки служби деактивираа четири беспилотни летала и наскоро ќе знаеме каде се купени, кој ги нарачал и каков беше планот за атентат врз претседателот и службениците на инаугурацијата на споменикот во Карабоб – рече Родригез на прес конференцијата.

Мадуро е во долг конфликт со самопрогласениот привремен претседател Хуан Гуаидо и постојано зборуваше за наводни планови за напад или соборување на неговата влада.

Претседателот на Венецуела избегна обид за атентат во 2018 година, кога беспилотни летала со експлозив се појавија пред него додека тој зборуваше на церемонијата на Националната гарда во Каракас.

Тој остана неповреден, но седум војници на Националната гарда беа повредени.

Related posts

Leave a Comment