Професорот на американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“ и аналитичар за надворешна политика Едвард Џозеф оцени дека Србија има моќ над т.н. Косово само затоа што пет земји на ЕУ не ја признаваат неговата самопрогласена независност.
Во интервју за денешен сараевски Дневни аваз, Џозеф изјави дека ако Шпанија, Словачка, Романија, Грција и Кипар ги признаат т.н. Косово, ќе се трансформира целиот регион, вклучително и БиХ, затоа што, според него, Србија тогаш би прифатила и би го признала т.н. Косово како независна држава.
„На тој начин, Србија би го прифатила западниот поредок за регионот, вклучувајќи го и фактот дека Босна и Херцеговина и Црна Гора се одделни и суверени држави“, рече Џозеф.
Според него, проблемот е единствената земја на Балканот што не го прифаќа западниот поредок, а тоа е Србија.
Џозеф исто така верува дека кандидатурата на Србија за ЕУ е „шарада“ затоа што „ги промовира вредностите, а понекогаш и агендата на Русија и Кина и има важен сојузник во Унгарија“.
Тој оцени дека западните официјални лица сè уште ја фалат и „замижуваат пред нападот врз демократијата и поткопување на сојузниците на НАТО од Србија, како Црна Гора“, затоа што Србија ја држи рачката над т.н. Косово.
Тој посочи дека проблемот и решението се многу јасни и дека може да се заклучи врз основа на успеси како што се Охридскиот договор, Преспанскиот договор и целосното помирување меѓу Црна Гора и Хрватска.
Џозеф смета дека заеднички елемент на сите овие договори е дека сите страни го прифаќаат западниот поредок, односно дека Балканот е под безбедносниот и економски чадор на НАТО и ЕУ и дека границите се фиксни и конечни, пренесува Танјуг.