Повеќе од стотина војници учествуваа во судирот на индо-кинеската граница на Хималаите, а има и повредени од обете страни, јавуваат индиските медиуми.
Цитирајќи два воени извори, „Хиндустан тајмс“ објави дека инцидентот се случил на планински превој на надморска височина од над 5.000 метри долж границата со Кина во државата Сиким, во североисточна Индија.
„Четворица индиски војници и седум кинески војници беа повредени во овој конфликт, во кој учествуваа околу 150 припадници на армијата“, изјави неименуван воен извор за весникот.
Индиски воени извори потврдија дека имало конфликт во северниот дел на државата Сиким и дека „евидентирано е агресивно однесување“ од обете страни и дека има повредени.
Сепак, според медиумите, полицајците од обете страни успеале да ги смират страстите преку дијалог.
Индија и Кина имаат неколку територијални спорови. Судирите се случуваат спорадично по должината на границата меѓу Сиким и кинескиот Тибет, како и по должината на линијата на контрола во Кашмир, каде и двете земји ја делат границата, пренесува РТ.
Пекинг и Њу Делхи одржуваат разговори на високо ниво за решавање на граничните спорови. Минатата година, двете армии се согласија за специјална линија за комуникација за да се избегнат можните конфликти по должината на границата.