Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун отпушти неколку високи партиски функционери поради „сериозниот“ инцидент со коронавирусот кој ја загрози јавната безбедност, со што се зголемија шпекулациите дека коронавирусот ја пробил одбраната на земјата.
Државната агенција КЦНА го цитираше Ким Јонг Ун на состанокот на политбирото на владејачката партија дека со „игнорирање на важни одлуки на партијата, која повика на организациски, материјални, научни и технолошки мерки за поддршка на продолжената анти-епидемиска работа во пресрет на глобална здравствена криза, официјалните лица предизвикаа сериозен инцидент. кој создаде огромна криза за безбедноста на земјата и нејзините луѓе“.
KCNA не ја објасни природата на прекршоците, но аналитичарите сметаат дека потегот на Ким Јонг Ун укажува на тоа дека Северна Кореја повеќе не е земја без заразени со ковид.
На почетокот на пандемијата, таа земја ги затвори границите со Кина и Русија, ги запре меѓународните авионски патувања и воведе строги ограничувања на домашните патувања.
Таа пред Светската здравствена организација изјави дека ниту еден случај на ковид 19 не е откриен по тестирање на повеќе од 30 000 луѓе.
Меѓународната заедница го поздрави тврдењето со скептицизам, а експертите предупредуваат дека здравствените служби во земјата се слабо опремени за справување со епидемијата, според Гардијан .
На почетокот на овој месец, Ким ги повика официјалните лица да се заложат за проширени анти-епидемиски ограничувања, велејќи дека не планира да ги ублажува граничните мерки, и покрај оштетувањето на економијата веќе погодена од природни катастрофи и меѓународните санкции воведени како одговор на нуклеарниот режим и балистичката ракетна програма.
Ким на состанокот во вторникот рече дека партиските функционери покажале „недостаток на способност“ и ги обвини за „самопротекционизам и пасивност“.