Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека трајно ќе го прекине финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО) доколку не направи одредени подобрувања во текот на следните 30 дена и дека ќе размисли за понатамошното членство на САД во организацијата.
Трамп привремено ги запре придонесите на САД во СЗО во април, обвинувајќи ја организацијата за поддршка на кинеската „дезинформација“ кога станува збор за избувнување на епидемијата на вирусот „Ковид-19“, иако официјалните претставници на СЗО ги негираа тие обвинувања, а Кина објави дека била отворена и транспарентна.
„Ако СЗО не направи значителни фундаментални подобрувања во наредните 30 дена, ќе ја прогласам привремената суспензија на американското финансирање како постојана и ќе го разгледаме нашето членство“, рече Трамп во писмото до генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Греберес на Твитер.
„Не можам да дозволам американските граѓани, кои уредно ги плаќаат своите даноци, да продолжат да финансираат организација која, во сегашна форма, толку очигледно не им служи на американските интереси“, напиша американскиот претседател, пренесуваат светските медиуми.
Претходно, Трамп изјави дека СЗО „направи многу ужасна работа“ во управувањето со кризата со коронавирусот и дека наскоро ќе донесе одлука за понатамошното американско однесување.
Во писмото, американскиот претседател вели дека е јасно дека Гребрејес и СЗО ги повториле погрешните чекори во реакцијата на пандемијата, што „го чини многу светот“, и потенцира дека единствениот начин организацијата да напредува е да покаже целосна независност од Кина.
“Мојата администрација веќе започна разговори со вас за тоа како да се реформира организацијата. Но, дејството треба брзо да се преземе. Немаме време за губење”, предупреди Трамп во писмото.
Во понеделникот, Светската здравствена организација објави дека независното разгледување на глобалната реакција на вирусот корона ќе започне што е можно поскоро, и дека добила поддршка и голема финансиска исплата од Кина, која е под посебна контрола како извор на пандемијата.
Американскиот претседател ја обвини Светската здравствена организација дека е „кинеска марионета“, повторувајќи ги своите критики за начинот на кој организацијата управувала со кризата предизвикана од вирусот „ковид-19“.
Според Трамп, САД плаќаат околу 450 милиони долари годишно на Светската здравствена организација, додека Кина плаќа само 40 милиони.
Пандемијата на коронавирусот, која започна во кинескиот град Вухан на крајот на декември, предизвика големи економски проблеми низ целиот свет, зафати скоро 5.000.000 и уби повеќе од 320.000 луѓе, од кои скоро третина се во Соединетите држави.