Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на прес-конференција во руското Министерство за одбрана во вторникот (29-ти март) рече дека специјалната воена операција (како што Русија официјално ја нарекува својата воена интервенција во Украина) ќе продолжи се додека не се постигнат поставените цели.
Во исто време, Шојгу ги сумираше резултатите од првата фаза од операцијата, велејќи дека повеќето нејзини задачи се завршени и дека борбениот потенцијал на украинската армија е значително намален, овозможувајќи клучно внимание и напори за постигнување на главната цел – ослободување на Донбас.
Тој нагласи и дека воената операција треба да продолжи се додека не се постигнат зацртаните цели.
„Од 152 авиони што беа во борбените сили на вооружените сили на Украина пред операцијата, уништени се 123, од 149 хеликоптери – 77, од 180 системи за противвоздушна одбрана со долг и среден дострел – 152“, наведе Шојгу.
Во исто време, тој го обвини Западот за неодговорност за испораките на оружје за Украина, што последователно може да претставува закана за самите Европејци, додавајќи:
„Продолжува акцијата за откривање и уништување странски платеници. Како резултат на нападите со високопрецизно оружје врз центрите за обука на платеници, како и борбените загуби, забележан е пад на нивниот број на територијата на Украина. Во последните две недели, повеќе од 500 платеници ја напуштија земјата, а уште околу 600 се уништени“, рече Шојгу.
Се разбира, оваа информација, како и секој друга од ваква природа, е многу тешко да се провери. За очекување е дека украинската страна ќе ја демантира оваа вест и дека нивните податоци се сосема различни.
Со други зборови, само реалната состојба на теренот ќе биде онаа која најрелевантно ќе покаже во кој правец оди руската воена операција, односно колку е ефикасна украинската одбрана. Затоа што мора да бидеме свесни дека сме во центарот на информативната војна не само меѓу двете завојувани страни, туку и меѓу Русија и Западот како целина. Во таа војна не се избираат ниту методи, ниту средства, а вистината е сѐ потешко да се најде во морето на дезинформации и пропаганда. Она што може и мора да се направи е „да не се пика главата во песок“ или да се објавува само она што е во нечија полза, туку да се пренесуваат официјални информации од сите страни за, во оваа крајно ограничена рамка на дејствување, да можеме барем да ги надзреме контурите на вистината, која, како што се вели – е секогаш некаде на средина.