„Досега секогаш бев транспарентен, таков ќе бидам и во иднина“. Ваков кус одговор даде свиркачот Ѓорѓи Лазаревски по завчерашното сведочење на Зоран Верушевски за случајот „Таргет – Тврдина“ дека бомбите не завршувале кај него, туку во партијата СДСМ. Во исказот, тој кажа дека по неговото притворање, бомбите поминале низ страотни модификации и компромитирање.
Според обвинителката Фатиме Фетаи, Верушевски е единствениот кој може да каже што мислел со оваа изјава. За неа, автентичноста на материјалите воопшто не е спорна, а тоа не негирале ниту обвинетите во судница. Тоа не се изолирани докази во предметите, туку се поткрепени и со други материјални и вербални докази, рече денеска Фетаи.
„Се работи за исказ кој уште не е довршен. Господинот Верушевски минатиот пат беше испрашуван директно само од страна на обвинителство, па потоа следува негово испраување вкрстено од страна на одбраната. На крајот судот си има право да поставува прашања од појаснувачки карактер“, рече обвинителката Фетаи.
Верушевски рече и дека не само Зоран Заев, туку и Бранко Црвенковски имал увид во бомбите и тоа уште од 2010-та година. Досега, ниту поранешниот, ниту актуелниот лидер на СДСМ не се огласија на ваквиот настап во судница на нивниот сопартиец. Правници кои ги консултираше Алсат, велат дека ако бомбите не се „лепени, сечени и монтирани“, тогаш Верушевски треба да биде повикан во Обвинителство за давање лажен исказ. Следното рочиште за „Таргет -Тврдина“ е закажано за 10 октомври. Ова е предмет за масовното прислушување на околу 20.000 граѓани во период од 8 години без судски налог. Обвинети се Гордана Јанкуловска, Горан Грујевски, Сашо Мијалков и уште 8 други лица.