Анализа

Љубомир Цуцуловски: Ни ја враќаат старата добро позната дисциплина ,,кодошлук” на голема врата

ЗАСЛЕПУВАЧКА СВЕТЛИНА. Откако се воведе дисциплината говор на омраза (многу матен и двосмислен термин), сега се воведува ново-старата и добро проверена „демократска“ дисциплина, според која секоја граѓанин на Државата (може и број) има света, просто божествена мисија – следење и информирање кој со кого и каде се сретнал.

Нормално, и зошто се сретнале. Би било пожелно и да се каже/обзнани за што точно на средбата се зборувало. Ако не може прецизно да се определи темата на средбата/разговорот, тогаш барем да се изнесат претпоставки за неа, бидејќи тие (претпоставките) се многу битен фактор во контролата на можното неконтролирано однесување на одредени сомнителни елементи.

На тој начин се обновува, ако воопшто била прекината, старата и добра сталинистичка (богами и наци-фашистичка) пракса – следење на секого од секого, после кое можат да следат соодветни информации, до соодветните органи.

На пример, може да се даде (писмена или усна) информација дека граѓанинот тој-и-оној се сретнал со граѓанинот оној-и-тој, таму-и-онаму и дека темата на нивниот разговор била вознемирувачка, како што е, на пример, влијанието на киселата почва врз развитокот на краставиците и некиселите зелки, познати и како некисел расол.

Во оваа дисциплина на информирање се вклучи, на свој особен начин, и Владимир Милчин. Со тоа, идејата за отворено општество завршува во состојба на сеопшто следење и молк во општеството, комбинирана со осуда на недофатливиот говор на омраза. Само така, и никаку поинаку другари, може да се роди светлата иднина, која ќе биде толку сјајна што ќе ги заслепи сите – како што е гледањето во јасното Сонце.

Љубомир Цуцуловски

Related posts

Leave a Comment