Авганистанската влада ги повика Талибанците да го продолжат тридневниот прекин на огнот за време на рамазанскиот бајрам, кој треба да заврши на полноќ.
Во исто време, тие најавија дека ќе ослободат 900 припадници на таа бунтовничка група.
Договорот за размена на затвореници беше склучен помеѓу Талибанците и САД во Доха во февруари, потсетува Ројтерс.
„За подобро да го решиме прашањето со затворениците, важно е да се продолжи прекинот на огнот“, рече претставникот на авганистанската влада Џавид Фејсал на прес-конференција во Кабул.
Според него, продолжувањето на прекинот на огнот е од клучно значење за да се избегне понатамошно крвопролевање, а авганистанската влада е подготвена на тоа.
Талибанците најавија тридневен прекин на огнот за рамазан бајрам, кој беше поздравен од владите на Авганистан и САД.
Александар Ѓорѓиовски