Политика

Амбасадорот на Русија Сергеј Баздникин на годишната конференциjа на Македонска Руска стопанска комора

Почитуван господинe Љyпчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, претседател на македонскиот дел на Руско-македонската меѓувладина комисија за трговско- економска и научно-техничка соработка,

Почитуван господине Ѓорѓи Дика, претседател на Македонска Руска стопанска комора,

Почитуван господине Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска Руска стопанска комора,

Почитувани медиуми,

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Срдечно ве поздравувам сите учесници на денешниот настан, кој секоја година се организира од страна на нашите почитувани колеги и драги пријатели – раководителите на Македонска Руска стопанска комора, Ви посакувам плодна работа.

За првпат присуствувам на вашата годишна конференција. Сепак со многумина од вас имав можност да се сретнам за време на посетите на македонските компании и фирми на чело со вас. Патем речено сум благодарен за гостопримството и можноста да се запознам со организацијата на производството.

Другите сигурно ќе ги посетам во иднина. Ветив дека за некое време ќе успеам да ги посетам сите компании кои работат на рускиот пазар, што всушност претставува глобален пазар на Евроазиската економска унија. Секогаш ги исполнувам моите ветувања. Убеден сум дека резултатот на нашите индивидуални контакти и колективна комуникација ќе постане решение на прашања, што имаат интерес за вас, креирање на нови предлози за проширување на соработка од заемна корист во економската сфера.

Само неколку зборови за тоа што денес е модерна Русија. Ова е земја во динамичен развој. Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, ја поставува стратешката задача – до 2024 година, Русија треба да стане една од петте најголеми економии во светот, додека темпото на економскиот раст треба да го надмине светските бројки, одржувајќи ја во исто време макроекономската стабилност.

Ние сигурно се движиме во оваа насока. Растот на бруто домашен производ во 2018 година изнесуваше 2,3 отсто – рекордно ниво од 2012 година. Номиналниот износ на БДП изнесува околу 1,6 трилиони долари, а по паритетот на куповна моќ – речиси 3,7 трилиони, односно повеќе од 25 илјади долари по глава на жител. Локомотивите на стопанството се рударството, кое минатата година забележа раст од 4,1 отсто, и преработувачката индустрија, која порасна за 2,6 отсто. Вкупен износ на индустриското производство се зголеми за 3 отсто, а прометот на трговијата на мало – за 2,6 отсто. За време на годината, девизните резерви беа надополнети за повеќе од 8 отсто, сега изнесуваат 482 милијарди долари. Трговскиот суфицит изнесуваше 190 милијарди долари. Историскиот минимум – 4,8  отсто – беше постигнат кај невработеноста. Високотехнолошките индустрии, дигиталната економија активно се развиваат, физичката и информациската инфраструктура се модернизираат.

Веќе ја споменав Евроазиската економска унија. Интеграцијата во рамките на оваа асоцијација е еден од приоритетите на нашата надворешна политика и економскиот развој. Трговскиот промет на земјите од Унијата со надворешните партнери се зголеми во 2018 година за 21 отсто – на 548 милијарди долари, пред сè поради зголемување на нашиот извоз. Ја гледаме главната стратешка цел на интеграцијата во обезбедувањето на одржлив раст на економиите на земјите-членки на Евроазиската економска унија, во подобрувањето на благосостојбата и на квалитетот на животот на нашите граѓани.

Руската Федерација и Република Северна Македонија се поврзани со повеќегодишни врски на пријателството. Културната и духовната блискост на нашите народи, заедничките историски традиции создаваат солидна основа за развој на повеќевекторна соработка во различни области – политичката, културно-хуманитарната, научната, социјалната и, се разбира, економската. Реализацијата на постоечкиот потенцијал на заедничката работа се промовира со конструктивен и пријателски став на Владата на Република Северна Македонија, лично на премиерот господин Зоран Заев.

Ние сме благодарни за вашата поддршка, господине Николовски, за продолжување на дијалогот во рамките на Меѓувладината руско-македонска комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, за продлабочување на заемно полезни врски во приоритетните сектори. Се надевам дека вашата активна, заинтересирана позиција ќе придонесе за побрзо исполнување на поставените задачи, вклучувајќи го и интензивирањето на надворешната трговија, имплементацијата на инвестициски проекти.

Се радувам дека веќе има практични резултати од нашите заеднички напори – македонскиот извоз за Русија порасна во јануари 2019 година за 41 отсто, вклучувајќи ги и земјоделските стоки за 90 отсто. Потпишани се нови договори за набавка на вина од Северна Македонија за Русија, се реализира извоз на свежо овошје и зеленчук. «Македонски дом» во Москва работи ефикасно и наскоро планира да се пресели од трговскиот и изложбен центар «Фуд Сити» во центарот на градот. Се очекува делегација од Роселхознадзор да ја посети Северна Македонија, што се надеваме дека ќе помогне да се реши ситуацијата со привремената забрана за увоз на некои видови македонско овошје во Русија.

Се разбира, Македонска Руска стопанска комора значително придонесува за овие достигнувања. Со нејзината активна работа можно е да се привлече вниманието на двете земји кон перспективни области на соработката. Во февруари македонска делегација под раководство на комората учествуваше во најголемата земјоделска изложба «Продекспо-2019». Следната посета на Русија ќе се одржи наскоро – во април, под покровителство на комората, ќе биде организирана деловна мисија во Тулскиот регион. Наесен ќе има уште една значајна изложба – «Светот на храната», каде што очекуваме и бизнисмени од Северна Македонија.

Како што можете да видите, контактите се многу активни, што укажува на висока ефикасност на комората. Сепак, не треба да останеме таму каде што сме – сѐ уште имаме значителен нереализиран потенцијал за соработка. Се разбира, Амбасадата и руските економски институции ќе ја обезбедат сестраната можна помош за унапредување на деловната соработка меѓу нашите земји. Ние сме подготвени да cоработуваме толку поинтензивно колку што сакате.

Дозволете ми да им посакам на сите присутни успех во развој на бизнисот, а на Македонска Руска стопанска комора – нови достигнувања во зајакнувањето на заемно полезните трговски и економски односи меѓу Русија и Северна Македонија.

Ви благодарам за вниманието.

Related posts

Leave a Comment