Политика

Анагностопулу: Ако Албанија не добие зелено светло, зошто за тоа да биде казнета Македонија

– Во случај да не се даде зелено светло за Албанија, зошто ќе треба да биде казнета  Македонија, за тоа, го праша пратеничката од опозициската СИРИЗА, Сиа Анагностопулу алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис за време на денешната расправа на постојаната Комисија за национална одбрана и надворешни работи во грчкиот Парламент.

Како што jави дописничката на МИА од Атина, Анагностопулу, која во Владата на СИРИЗА беше алтернативна министерка за надворешни работи на Грција, во нејзиното денешно обраќање истакна дека го поддржуваат проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, а на Варвициотис му порача дека се наклониле кон германската страна која гледа „групирање на земјите“ за почеток на пристапни преговори со ЕУ.

– Во случај да не се даде зелено светло за Албанија, зошто ќе треба  Македонија да биде казнета за тоа? Не сметате дека ова ќе ги зголеми нестабилноста и национализмот во регионот, ако останат надвор и двете земји? Додека пак давајќи зелено светло за Македонија која има направено огромни чекори, ова ќе запре или нема да дозволи ескалација на национализмот?, праша Анагностопулу.

Претходно, како што веќе објави МИА, алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милтиадис Варвициотис, во неговото обраќање и презентирање на стратешките цели за темите што се во негова надлежност, рече дека поради „присутноста на албанскиот елемент во регионот, разделувањето и почетокот на пристапни преговори со само една земја кандидат, може, наместо да ја продлабочи стабилноста, да предизвика одново појавување на дестабилизација на северната граница“.

Тој додаде дека според тоа Грција смета дека треба истовремено да се донесе одлука за почеток на пристапни преговори за двете земји.

По почетното обраќање на Варвициотис, збор зедоа претставниците на останатите партии, кои ги изнесоа нивните ставови за темите поврзани со надворешната политика и поставија прашања до Варвициотис, по што седницата продолжи зад затворени врати.

Related posts

Leave a Comment