Повеќе од една третина, или 35 проценти од Британците, најверојатно нема да бидат вакцинирани против коронавирус, покажува истражувањето спроведено од „Опиниум“ за „Обсервер“.
Околу 48% од Британците се загрижени дека вакцината не е безбедна, додека 47% од нив се загрижени дека нема да биде ефикасна, покажа истражувањето.
Повеќе од половина, 55 проценти од испитаниците изјавиле дека се загрижени за несаканите ефекти од вакцинацијата.
Сепак, само 20 проценти рекле дека нема да ја примат вакцината кога ќе стане достапна и доколку владата препорача вакцинација. Тоа е помалку од колку пред две недели, кога истото го изјавија 24 проценти.
68 проценти од испитаниците изјавиле дека вакцината ќе ја примат кога ќе стане достапна и доколку Владата ја препорача, што е мало зголемување во споредба со 67 проценти пред две недели.
Британското Министерство за здравство објави дека вакцината ќе биде достапна од следниот вторник.
Првата количина на вакцина од компаниите Фајзер и Бионтек пристигна минатиот четврток, а следната недела во Велика Британија ќе бидат достапни околу 800.000 дози.
Владата нареди 40 милиони дози на вакцина, што е доволно за 20 милиони луѓе да добијат две дози во рок од 21 ден.
Вакцината прво ќе им биде дадена на вработените и корисниците на домови за стари лица, потоа на оние постари од 80 години, како и на здравствените и социјалните работници.
Потоа следува возраста од 75 години, а потоа постарата од 70 години, како и најранливите групи на луѓе, следени од оние постари од 65 години, а потоа и возрасната група од 16 до 64 години.