Германските аптеки го суспендираа издавањето дигитални сертификати за вакцинација против ковид-19 откако хакерите направија лажни пропусници во непостоечки аптеки, соопшти денеска здружението на аптеки.
Германците кои се целосно вакцинирани имаат право на сертификат што им овозможува поголеми слободи, особено кога станува збор за патувања, објави Ројтерс.
Сертификатите ги издаваат аптеките и центрите за вакцинација.
Германското здружение на фармацевти (ДАВ) објави дека хакерите успеале да направат два сертификати за вакцинација со пристап до порталот и фалсификувајќи го идентитетот на сопственикот на аптеката.
На тоа ДАВ го предупреди дневниот весник „Ханделсблат“.
ДАВ, во консултација со Министерството за здравство, во средата престана да издава сертификати за да спроведе истрага, се вели во соопштението на здружението, додавајќи дека досега не најде никакви индикации дека имало неовластен пристап до порталот.
Затоа, може да се претпостави дека повеќе од 25 милиони потврди за вакцинација, кои досега се издадени во аптеките, се издадени од легално регистрирани аптеки, наведе ДАВ, пренесува Танјуг.