Откако Јанко Бачев од Единствена Македонија му понуди коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, под услов да се поништат договорите со Грција и Бугарија и му даде ултиматум на Мицкоски за одговор во рок од 48 часа, а Мицкоски не даде никаков одговор, денеска партијата ја промовираше коалицијата насловена како „Никогаш северна – само Македонија“. Во коалицијата се Единствена Македонија, ФРОДЕМ, „Тврдокорни“, Демократска Фракција на ВМРО, Унија на ветерани на ВМРО 1990 и Заедница на македонските друштва од Швајцарија.
„Денеска, среда, 11 март 2020 година, политички партии, граѓански здруженија од земјата и странство потпишаа Договор за заеднички настап на изборите на 12 април со која се предвидува коалициски настап на изборите.
Коалицијата ќе настапи под слоганот: Никогаш Северна – Само Македонија.
Општ е впечатокот кај присутните дека Коалицијата Никогаш Северна – Само Македонија е најсилниот национален и патриоски блок на изборите на 12 април кој може да го сруши 30 – годишниот двопартизам на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Коалицијата е формирана врз основните стратешки определби кои го обезбедуваат опстанокот и просперитетот на Република Македонија:
1. Поништување на договорот со Грција за промена на името, со цел, неменување на името – Република Македонија;
2. Република Македонија национална држава на македонскиот народ со гарантирани права на малцинствата според меѓународното право;
3. Грижа за иселениците од Македонија и за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји и за таа цел поништување на Договорот со Бугарија со кој се бришат Македонците во Пиринска Македонија;
4. Во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и за таа цел поништување на законот за двојазичност;
5. Република Македонија унитарна држава со само една државна власт на нејзината територија;
6. Државната територија е неделива и неотуѓива, без можност за нејзино дезинтегрирање во федерални единки или територијална автономија;
7. Ревизија и одземање на украденото во криминалната, нечесната и неправедната приватизација со која е извршен грабеж на општествениот имот кој 50 години наназад го создаваа сите работни луѓе во социјализмот, ревизија и одземање на украденото и во постприватизацискиот период. Со еден збор, одземање на украденото од позиција на власт во изминатите 30 години.
Да живее Република Македонија!
Да живее македоснкиот народ!
Да живеат државјаните на Република Македонија!
Да живее коалицијата Никогаш Северна – Само Македонија“, стои во соопштението.