Бил Гејтс финансиски го поддржа планот за ограничување на сончевата светлина на Земјата, на кој работат научниците од Универзитетот Харвард.
Тие имаат намера да испуштат балони со природни хемикалии над територијата на Шведска во атмосферата за да тестираат дали блокирањето на сончевата светлина што директно влијае на Земјата ќе помогне во борбата против глобалното затоплување.
Првото тестирање треба да се случи во текот на 2022 година и тоа ќе биде само првиот тест на балони и инструменти што ќе се користат во експериментот. Научниците би ги проучувале хемиските реакции во стратосферата преку балон кој би летал 10 километри над Земјата.
Крајната цел на проектот е да се користат балони за испраќање рефлектирачки честички во атмосферата со надеж дека ќе ја блокираат или ограничат директната сончева светлина на Земјата и ќе ги намалат ефектите од глобалното затоплување. Проектот е финансиран од Универзитетот Харвард и неговата програма за соларно геоинженерство, а делумно е финансиран од Бил Гејтс, како и од група приватни инвеститори.
Целта на проектот е да се ослободат околу два килограми природни хемикалии, како што се калциум карбонат и сулфат, со ослободување на балони во стратосферата. Со нивно ослободување би се создала таканаречена воздушна маса долга еден километар и широка сто метри, по што научниците би измериле дисперзија на хемикалиите и би тестирале колку е ефикасна оваа алатка во борбата против глобалното затоплување.
Од друга страна, изразена е загриженост дека одразот на сончевата светлина може да влијае на работите како што се временските обрасци и растот на растенијата, а со тоа и на остатокот од екосистемот.