Објавено во ForeignPolicyJournal.com
Доколку анти-македонските аргументи на Западот се применат на секаде, тогаш сите држави кои прогласија независност по падот на Железната завеса – и нивните народи – би требало да се прогласат за „новосоздадени“. Би требало да се каже дека и тие немаат историја пред 19991 година. Ерменскиот геноцид не се случил бидејќи тогаш немало Ерменци. Безимени, непостоечки не-луѓе биле масакрирани од страна на Турците. Украинците имале најмногу шест години кога се емитуваше познатата епизода „Украина е игра за тебе“ на серијата Сајнфелд. Голем успех за нив, да бидат спомнати во најпознатата телевизиска серија на сите времиња, и тоа само неколку години откако беа измислени како народ.
Па оттаму, кажете ми зошто овие смешни аргументи се уште се употребуваат против Македонија? Вештачкото „прашање за името“, кое Грција го создаде за да го негира нашето постоење, како и да го негира нејзиниот прогон (и најпосле елиминирањето) на Македонците, беше прогласено за „дипломатски спор“ меѓу „новосоздадената“ Република Македонија и Грција, најголемиот негатор на човековите права во Европа. Грција сака светот да мисли дека нејзиното право на сопственост врз Македонија е „старо“ додека македонското право на МАКЕДОНИЈА е нешто „ново“. Тие сакаат да поверувате дека независноста на една држава значи дека тогаш се создал нејзиниот народ.
Со самото тоа што сериозно размислуваме за грчките ставови значи дека одиме по умот на нашиот угнетувач. Дали би разговарале со некој кој негира дека при колонизирањето на Северна Америка брутално биле уништувани културите на домородните народи? Дали мирно би седеле додека некој кој го негира Холокаустот? Ако не, зошто тогаш Западот си дозволува да и верува на Грција?
Една од причините е незнаењето. Намерното незнаење, е втората причина. Грција вети дека ќе го блокира приемот на Македонија во НАТО и во ЕУ доколку не си го смени името, па оттаму САД и Западна Европа решија да ги напуштат сите вредности за кои велеа дека им се свети – демократските принципи, почитувањето на човековите права, меѓународното право – и со сила ја принудија Македонија да влезе во НАТО.
Да не забораваме дека и Бугарија, Албанија и Србија исто така полагаат право врз Македонија. Како може Македонија одеднаш да биде и грчка и бугарска и албанска и српска? Вистина е лесна за паметење – Македонија е МАКЕДОНСКА.
Не би требало да морам да го правам ова, но дозволете ми да елаборирам понатаму. Светот, вклучително и нашите угнетувачи, признава дека Македонија била поделена во балканските војни во 1912/13 година меѓу овие погоре наведени држави. Секоја од нив отпочна со притисоци за да се избрише секоја трага на Македонија и на Македонците. Иронично, Грција, која беше најгласниот негатор на Македонија, во 1988 направи шокантен потег и ја сврте својата пропаганда наопаку, и по децении негирање одеднаш почна да го присвојува македонското име. Секако, таа се уште тврдеше дека нашиот народ не постои, и се уште работи за тоа да се оствари.
Оттаму, ова не е „спор“ меѓу Република Македонија и Грција. Ова е културолошки геноцид против целата Македонија и сите Македонци. Преку „Преспанскиот договор“, кој ни беше наметнат од западот (договор кој не е прифатен од никого) името на Македонија се менува во „Северна Македонија“, а на Македонците им се негира правото на сопствен иденитет. Членот 7(2) им го отстапува името Македонија на Грците. Членот 8(5) наложува дека панел грчки дипломати ќе можат да изменат македонската историја и да ги препишат македонските учебници. Ставете се на наше место. Обидете се, ако можете, да ми кажете дека преку ноќ јас станав „Северномакедонец“. А потоа престанете да се преправате дека една нација се раѓа само со создавањето на нејзината национална држава.
Каде беа тврдењата дека Македонија е грчка пред 1988 година? Грција го избриша секој спомен на Македонија откако ја анектираше македонската земја. Новоосвоената земја првично беше нарекувана „Северна Грција“ и никој таму не смееше да спомне ни „М“ од Македонија без сериозни последици – вклучително и смрт.
Размислете за ова за момент: македонските народни песни се полни со спомени за трагичната поделба и распарчувањето на нашата земја и нашиот народ. На мојата свадба, пријателите се шегуваа со мене дека во секоја песна што се пее се спомнува зборот „Македонија“. А сепак, во ниту една грчка песна не се пее за Македонија. Ако Македонија навистина беше „отсекогаш грчка“, тогаш секако грчкиот комплекс на повисока вредност ќе доведеше до тоа да се погрижат целиот свет да разбере дека е така. Но, напротив, додека растев во Торонто со сите други Македонци таму, Грците постојано ни велеа дека „Македонија не постои“. Новосоздадено е грчкото полагање право врз Македонија, а не правото на Македонците да го користат своето сопствено име.
Мислам дека ме разбрате, но сепак, дозволете да наведам уште неколку трагични податоци:
– По анектирањето на македонската земја, Грција ги смеи имињата на Македонците, на нивните села и градови и им даде грчки имиња. Ова беше направено со Декретот 332/1926 и со законот 85/1936. Цела Македонија беше под брутална странска окупација со векови наназад но сепак имињата останаа македонски. Ако Македонија навистина била „отсекогаш грчка“, тогаш сигурно имињата ќе беа грчки.
– Кога македонските имигранти пристигнуваа во Северна Америка во доцните години на 19 век, на нивните документи издадени на островот Елис и на Кејот 21 под националниот опис пишуваше МАКЕДОНЕЦ, и покрај тоа што земјата се уште беше под Отоманска окупација. Со „Преспанскиот договор“ нивните потомци треба да потрчаат во тукашната верзија на Офис Плус да купат коректор за да го избришат зборот „МАкедонец“ од овие старите документи
– Мојот прадедо се родил во 1903 година, под турска окупација. Тој остана Македонец и под грчката окупација. Остана Македонец и кога се пресели во Канада. Никакви притисоци од Грција (и од Бугарија) поддржани од Западот не можат и не би смееле да ја изменат неговата историја и да го прогласат за нешто што никогаш не бил.
Неодамна ја посетив мојата 96 годишна баба во болница, каде заздравува по нејзиното боледување. Им зборуваше на англиски на лекарите и сестрите, како што секогаш го зборуваше, шармантно и со грешки. Му рече на докторот дека е „добро момци“ (во множина), а една од сестрите ја прогласи за „добра девојка“, додека на другата сестра и рече „многу ми ќе недостигаш“. Сите ја викаа по македонски – „бабо“. А како што мојата Баба секогаш вели, „Сите ме милве“ (сите ме сакаат – на Желевски). Од неа го наследив мојот мал проблем со прекумерната самоувереност (ако тоа воопшто е проблем). И сега, по сите маки што ги има претргано од грчките окупатори – само затоа што е Македонка – дали би сакале да и кажете дека треба да го избришеме нејзиниот идентитет и да и одредиме нов? Ако сакате, пишете ми на Твитер, па ќе ве поврзам.
Мојата гордост во македонштината ја наследив од мојата Баба, од моите родители и од моите предци. Жарот да се борам за мојата етничка група потекнува од… всушност, и вие сигурно би го имале истиот жар ако на вашата етничка група и се заканува уништување. Помогнете ни. Јас би ви помогнал – и сум ви помагал. Нашето име е Македонија. Придружете ни се да го одбраниме.
Бил Николов, Претседател
Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права