Под наслов „Европа не не разбира“ Триесетина бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите членки на Европската Унија а во кој се негира македонската нација и јазик. Потписниците на заедничкото писмо велат дека Бугарија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодржливи и наивни тврдења против Северна Македонија.
„Не гледаме како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници кои не зборуваат на јазик ниту на модерна историографија ниту на современите хуманистички и општествени науки. Меморандумот не ги одразува принципите и вредностите врз кои е изградена Европската Унија.“ – се вели во писмо „Европа не не разбира“.
Бугарските интелектуалци алудираат на ставот на бугарскиот член на историската комисија Иван Илчев кој се пожали дека Европа нема разбирање за меморандумот на Софија. Бугарските интелектуалци додаваат:
„Не веруваме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите нејзини специфики, фундаментално се разликува од начинот на формирање на другите нации, ниту пак сметаме дека може да се сведе на формулата во меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг”. Се спротивставуваме и на претставувањето на македонската нација како плод на „југословенска пропаганда.” – стои во писмо „Европа не не разбира“.
Премиерот Заев денеска вели дека не очекува блокада од Бугарија за почеток на преговори за земјава. Мултидисциплинарната комисија меѓу двете земји инаку ќе се состане во Скопје на 15 и 16 октомври, кога меѓу останатото високо на агендата ќе биде и прашањето за Гоце Делчев.