Судот на градот Прага ја укина продолжената мерка за задолжително носење заштитни маски за сите граѓани на Чешка, што беше донесена на 19 октомври од страна на локалното Министерство за здравство.
Одлуката е донесена во петокот на 13 ноември, а во нејзиното образложение се наведува дека мерката „не содржи конкретни и разбирливи информации врз основа на кои судот би можел ефикасно и одговорно да го разгледа прашањето дали навистина е потребно да се инсистира на задолжително носење на опрема за заштита на дишните патишта во сегашниот дефиниран опсег за постигнување на наведените цели“.
Министерството за здравство не се повикува на никакви документи врз основа на кои би била пропишана ваква мерка, а недостига и конкретна информација за развојот на епидемиолошката состојба во различни региони на земјата, понатаму наведува судот. Тој исто така вели дека изминало доволно време од почетокот на епидемијата за Министерството да може подобро да ја објасни споменатата мерка.
„Специфичноста на ситуацијата повеќе не може да биде причина да се игнорира односот на судот кон недостатоците и грешките, факт кој судот повеќепати му го укажа на Министерството“, објаснето е во образложението на прашкиот суд. Судот на градот Прага ја укина мерката за носење на заштитна маска за сите граѓани на Чешката Република која беше донесена на 19 октомври од страна на тамошното Министерство за здравство.
Исто така, беше наведено дека оваа одлука, на која нема право на жалба, ќе стапи на сила на 21 ноември, како Министерството за здравство би имало доволно време да донесе слични мерки во согласност со сите наводи на овој суд, „доколку најде доволно основа“.
Од друга страна, споменатото министерство одговори дека ќе преземе чекори за зачувување на „режимот на маски“, како и дека ќе ја разгледа можноста за оспорување на оваа судска одлука.
Потсетуваме: Чешка е една од најтешко погодените земји во ЕУ во вториот бран на епидемијата на коронавирус Ковид-19. Со цел борба против неа, владата одлучи да воведе вонредна состојба, која вклучува и задолжително носење маски на отворено ако некое лице е поблиску од 2 метри од друго лице (во пракса, особено во големите градови, ова всушност значи секогаш). Исклучоци постојат само за членови на исто семејство и за спортисти.