Владата на Република Македонија донесе одлука за постоење кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата.
– Првата одлука е донесена поради недостигот на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбата на пазарот на топлинска енергија. Додека втората е донесена поради недостиг на струја и состојбата на пазарот на електрична енергија – соопшти Владата.
Двете одлуки се донесени на предлог на Управниот одбор за координација и управување во системот за управување со кризи и ќе почнат да се применуваат од 1 септември 2022 година.
– Постоењето на кризна состојба во снабдувањето со електрична и топлинска енергија ќе трае 30 дена од денот кога ќе почнат да се применуваат овие одлуки – се наведува во соопштението.
Од денот на примената на овие одлуки, Комисијата за следење на состојбата со снабдувањето со електрична енергија и за следење на состојбата со снабдувањето со топлинска енергија континуирано ја следи, анализира и оценува состојбата на пазарот на електрична и топлинска енергија и предлага мерки согласно прописите. кои ги регулираат критериумите и условите за прогласување кризна состојба, се појаснува во соопштението.