ВИЕНА – Во Австрија од денеска е на сила нов закон за задолжителна вакцинација против Ковид 19 за сите постари од 18 години. Оние кои ќе одбијат да се вакцинираат ќе се соочат со казни од 600 до 3.600 евра. Исклучоци важат за оние кои не можат да ја примат вакцината поради здравствени причини и трудниците.
Според Би-Би-Си, властите кон средината на март ќе почнат да проверуваат дали граѓаните се вакцинирани.
Мерката задолжителна вакцинација ќе заврши во јануари 2024 година, а можеби и порано, доколку пандемијата го дозволи тоа.
Австрија е првата европска земја која пропиша ваква сеопфатна мерка за задолжителна вакцинација.
Австриската влада вели дека вакцинацијата е ефикасна во борбата против тешките форми на болеста и дека е потребен закон за да се спречи идното заклучување.
Министерката за ЕУ и устав, Каролин Едштадлер, вели дека владата е „многу свесна дека ова е навистина голем чекор и навистина тешка мерка“, пренесува Бета.
Таа рече дека задолжителната вакцинација е „мешање во човековите права“, но дека, како што додаде, во овој случај „може да се оправда“.
„Треба да излеземе од пандемијата и знаеме дека вакцинацијата е единствениот начин да излеземе од неа и да се вратиме на нормален живот“, рече министерот.
Околу 72 отсто од Австријците се целосно вакцинирани.