Свет

Во Молдавија илјадници демонстранти против прозападната влада

Илјадници луѓе во неделата излегоа на улиците во поранешната советска република Молдавија за да протестираат против проевропската влада и високите цени на гасот.

Неколку медиуми во главниот град Кишињев јавија за судири меѓу демонстрантите и полицијата. Според полицијата, уапсени се повеќе од 50 лица .

Демонстрантите бараа владата да ги плати сметките за гас „за зимските месеци“, рече Марина Таубер, потпретседател на опозициската партија Шор.

Демонстрантите, исто така, предупредија да не се дозволи војната од соседна Украина да се прошири во Молдавија. „Ние сме народот“, извикуваа тие.

Тие ја обвинија владата поддржана од Западот дека нема план за борба против растечката сиромаштија.

Молдавската претседателка Маја Санду ја обвини Русија дека ја дестабилизира политичката ситуација во земјата со цел да изврши државен удар. Санду, поддржана од Европската унија и САД, ја одврати Молдавија од Русија, од чии испораки на гас земјата зависи.

Многу Молдавци се жалат дека гасот, кој некогаш беше достапен, сега чини трипати повеќе бидејќи се купува преку посредници и е многу скап.

Сиромашната, земјоделска Молдавија, сместена меѓу ЕУ Романија и Украина, историски е растргната меѓу Западот и Русија.

Рускиот јазик е широко распространет и се уште се користи во секојдневниот живот дури 30 години по падот на Советскиот Сојуз, а има и бројни медиуми на руски јазик. Сепак, емитувањето на вести и политички содржини од Руската Федерација е забрането со закон, додека веб-страниците се блокирани, како и локалните опозициски телевизии.

Во изминатите шест месеци, молдавската опозиција стана поактивна, а се одржаа масовни протести со илјадници незадоволни граѓани.

Посебен проблем за земјата е отцепениот регион Придњестровје, дом на повеќе од 200.000 Руси и Украинци, од кои многумина имаат руско државјанство. Во него е сместен и рускиот мировен контингент, чија главна задача е да обезбеди огромен воен магацин, најголем во Европа – останат од времето на СССР.

Поранешниот американски амбасадор во Кишињев, Дерек Хоган и личен пријател на претседателката Маја Санду пристигна во Молдавија. Во моментов ја извршува функцијата генерален секретар на Канцеларијата за европски и евроазиски прашања.

Стејт департментот на својот Твитер објави дека нивниот дипломат ќе ги посети Република Молдавија и Романија од 12 до 15 март, а причината за неговата посета е зајакнување на билатералните врски на САД со овие две земји.

Related posts

Leave a Comment